ПОРАЗ И КАТАСТРОФА Е ВЕСТА ДЕКА НАШИТЕ УЧЕНИЦИ СЕ НА ДНОТО НА ЛИСТАТА ЗА ЗНАЕЊЕ, ВЕЛИ АКАДЕМИК УРОШЕВИЌ

    ПОРАЗ И КАТАСТРОФА Е ВЕСТА ДЕКА НАШИТЕ УЧЕНИЦИ СЕ НА ДНОТО НА ЛИСТАТА ЗА ЗНАЕЊЕ, ВЕЛИ АКАДЕМИК УРОШЕВИЌАкадемик Урошевиќ беше претседател на одборот кој одлучи за државната награда „Св.Климент Охридски” за 2019; - Од денешната свеченост во Собрението. (Фото: МИА)

    „Деновиве пристигна поразителна вест, дека нашите ученици стојат, според покажаното знаење, при дното на листата. Од 79 земји, нашите деца се на 67 место. Зад името на нашата земја стои една дузина земји. Во редот на лоши вести што доаѓаат од светот, ова е најлошото: вакво рапидно паѓање на знаењето и за мене рамно на катастрофа“, рече академик Влада Урошевиќ на денешната свеченост во Собранието за доделувањето на највисоката државна награда „Св. Климент Охридски“ во областа на културата и уметноста. Тој ги коментираше резулатите од ПИСА тестирањето со кое се проверува јазичната писменост, математичката писменост, како и знаењето на учениците во природните науки, а го спроведува Организација за економска соработка и развој (ОЕЦД).

    Академик Урошевиќ беше претседател на одборот кој одлучи за државната награда „Св.Климент Охридски” за 2019, која е највисоко признание за долгогодишни остварувања во областа на воспитанието, образованието, културата, уметноста, здравството, заштитата и унапредувањето на човековата околина и во социјалната дејност од јавен интерес на Македонија.

    „Тоа ја отсликува нашата ситуација на многу полиња, а едното од нив е: колку малку кај нас, во оваа општа девалвација на вредностите, почнува да значи образованието, знаењето, општата култура. Несомнено е дека убедувањето за предноста на некои други начини за обезбедување егзистенција и престиж во општеството – не толку јавно промовирани – се најдоа во моралниот и интелектуалниот багаж на овие млади генерации кои веќе утре ќе застанат како чинители врз сцената на јавниот живот. Пред нас е резултат на еден став кој вели дека солидното образование не е неопходно за успех во животот. Тогаш, да се запрашаме: кој ќе седи утре во нашето Собрание, кој ќе предава на нашите универзитети, кој ќе суди во нашите судови, кој ќе лекува по нашите болници?“, рече во говорот академик Урошевиќ и истакна дека иселувањето на младите е вториот поразен проблем.

    „И во двата случаја – и во овој со заминувањето и во оној со неуспехот на испитот по знаење, станува збор директно за нашата иднина. И таа иднина забрзано пристигнува. Веќе ѕвони на вратата. Не ни останува уште многу време. Треба сега, веднаш, да се запрашаме: кој утре ќе ја продолжи нашата култура, нашата наука, во чии раце ќе паднат идните ученици, студенти, читатели, слушатели, пациенти, во чии раце ќе ја оставиме државата?. Јас, за жал, не можам да понудам лесно решение за овие проблеми. Но само ја чувствувам одговорноста, и би сакал и вие да ја почувствувате. И тоа да нè поттикне да ги ставиме настрана ситните политички надмудрувања кои, во отсуство на каква и да е идеологија, се претворија во чиста борба за власт, а преу неа – за извори на заработка. И – да ја насочиме сета енергија (онолку колку што од неа ни останало) за решавање на вистинските прашања. Мислите ли дека на свети Климент му било полесно кога пристигнал тука, кога се завртел наоколу и видел каква немаштија и незнаење го опкружуваат? Па сепак запнал и нешто направил – нешто што траело и опстојувало до денес како писменост, како традиција, како култура, како континуитет на духот. Ние немаме право тоа неразумно и расипикуќнички да го растуриме“, рече академик Урошевиќ.

    На 3 декември беа објавени резулатите од ПИСА тестирањето во кое Македонија беше една од 79. земји кои изразиле интерес да го проверат суштински знаењето на учениците кое го стекнале до 15-годишна возраст.
    Според извештајот, Македонија е повторно на дното, но рангирана е подобро од лани. На официјалнaта ранг листа, Македонија е на 62 место по резулатите од природните науки, на 66 место по читање и на 67 место по резултатите од математика. Во 2015 беше на 68 место по математика и на 69 место по природни науки и читање, но тогаш во конкуренција со 72 држави.

    „Македонските ученици имаат највисок скок знаењето во 2018, споредено со 2000 и 2015. Ова е значителен напредок, не можеме преку ноќ или за три години да бидеме во првите десет земји на светската ранг листа. Ова е значителен показател дека сме на прав пат“, изјави на 3 декември  министерот за образование Арбр Адеми, кој ги презентираше резултатите од истражувањето кое се спровело лани.

    Б. НЕСТОРОСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира