Портпаролката на Европската комисија за проширување Ана Писонеро денеска го повтори ставот на еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји дека е можно одвојување на Македонија и Албанија на патот кон ЕУ, јави дописничката на државната агенција МИА од Брисел.
Таа вели дека Европската комисија и понатаму стои на ставот дека двете земји се подготвени да ги почнат пристапните преговори со ЕУ, но ако Европскиот совет донесе одлука само Албанија да ги почне, Европската комисија нема да има ништо против.
„Позицијата на Европската Комисија е многу јасна: сакаме да видиме меѓувладини конференции со двете земји, двете ги исполнуваат условите за ова да се случи, но Советот треба да даде согласност за преговарачките рамки, таму се наоѓаме“, рече Писонеро, одговарајќи на новинарско прашање.
- ГЕРМАНИЈА И СЛОВАЧКА БАРААТ МАКЕДОНИЈА И АЛБАНИЈА ЗАЕДНО ВО ЈУНИ ДА ГИ ПОЧНАТ ПРЕГОВОРИТЕ СО ЕУ
- ВАРХЕЈИ ПАК СЕ ЗАКАНИ ДЕКА АЛБАНИЈА ЌЕ ГИ ПОЧНЕ ПРЕГОВОРИТЕ ПРЕД МАКЕДОНИЈА АКО НЕМА ДОГОВОР СО БУГАРИЈА
Прашана за вчерашната изјава на Вархеји дека е можно одвојување на двете земји, таа одговори:
„Ако нема договор за Северна Македонија, тогаш оваа опција би можела да се разгледа. Доколку дојде до тоа земјите членки да одлучат дека само Албанија треба да започне преговори, Европската Комисија не би се противела на овој став бидејќи земјата сега ги исполнува сите преостанати услови“.