Портпаролот на коалицијата Вреди Фари Хисени објави дека привремено ги замрзнува политичките активности откако обвинителството претходно денеска објави дека отворило постапка против 58-годишник од Скопје за полови дејствија со малолетник. Хисени, во објава на Фејсбук, кажа дека станува збор за татко му, и дека е шокиран од веста.
„Како луѓе, ние сме одговорни само за нашите сопствени постапки и вредностите за кои се залагаме, но тоа не ја менува мојата решеност да дејствувам. Затоа, за да не создадам некакво недоразбирање или погрешен впечаток, решив привремено да ги замрзнам моите политички активности. Не сакам од функцијата што ја имам да изгледам дека можам на кој било начин да влијаам врз институциите кои го истражуваат ова чувствително прашање“, вели Хисени, чија коалиција е дел од власта.
Претходно денеска, Основното јавно обвинителство Скопје соопшти дека поведува постапка против 58-годишен скопјанец за кого постои сомнение дека извршил други полови дејствија врз дете родено 2008 година.
„Во раните утрински часови денеска, осомничениот во парк во една населба го сретнал малолетникот со кого претходно се познавале и го повикал да разговараат, по што започнал да го допира. Малолетникот успеал да се извлече и го пријавил во полиција“, соопшти обвинителството.