„Португалија никогаш не би го загрозила процесот на изнаоѓање решение во спорот меѓу Бугарија и Северна Македонија. Напротив, постојано се обидуваме да го олесниме“, вели во изјавата за Дојче веле португалската амбасадорка во земјава Марија Вирџиња Мендес да Силва Пина.
„Таа спомена дека има политички момент кој ги отежнува работите во Бугарија, и дека има сензитивни прашања поврзани со идентитетот, историјата и бугарскиот и македонскиот јазик“, вели амбасадорката Пиња.
Бугарското национално радио (БНР) денеска објави дека министерката на Португалија за Европа, Ана Паула Закаријаш, одговарајќи на новинарско прашање на БНР во Лисабон, ја опишала дебатата меѓу двете земји како „тешка“ и истакнала: „Ова е многу тешка дебата, особено за Бугарија. Таа е поврзана со историјата, културниот идентитет на двете земји, како и со идната соработка. Во моментов, тие работат на нешто што се нарекува патоказ, што ќе им помогне да соработуваат и Бугарија ќе добие гаранции дека кога Северна Македонија ќе влезе во ЕУ работите ќе се одвиваат непречено. Северна Македонија помина низ тешки преговори со Грција – сетете се дека земјата си го смени името. Но, тоа е многу тешко, бидејќи е исто така поврзано со Бугарија како култура и јазик. Очигледно е поврзано со јазикот на Северна Македонија, кој некогаш бил дел од бугарскиот јазик и културните димензии на обете земји. Во Бугарија ќе има нови избори на 11 јули и мислам дека бугарските власти ги чекаат резултатите пред да одлучат како да постапат“.
Португалија уште утре претседава со ЕУ, а од 1 јули претседателството го презема Словенија. Во врска со спорот меѓу Македонија и Бугарија, за Словенија Закаријаш има порака дека позицијата на Бугарија мора да се почитува и дека не треба да се внесуваат несогласувања во ЕУ.
Премиерот Зоран Заев кажа денеска преку стручната служба на МНР ќе ја проверат автентичноста на изјавата на португалската министерка Закаријаш па ќе реагира соодветно.
„Португалскиот предлог нуди решение, но не зазема страни внатре. Во самиот португалски предлог, во преговарачката рамка е решението преводот на аки-то ќе биде на македонски јазик. Секако имаат изјави и двете страни. И нашата и бугарската страна, каде што веројатно министерката направила толкување за бугарски медиум или слично за кое нешто ќе провериме денес преку стручната служба на МНР за автентичноста на тоа што е кажано и МНР соодветно ќе реагира во јавноста“, изјави Заев денеска на прес-конференција за нови економски мерки.
Премиерот повтори дека португалскиот предлог е добра основа за решавање на спорот со Бугарија.
„Сме кажале, за нас е добра основа затоа што нормално кога заврши Самитот на ЕУ, односно Европскиот совет, ние веќе дадовме и длабински коментари за португалскиот предлог во мои изјави во изјавите на Бујар Османи, нашето МНР, каде што неколку пати кажавме во тој предлог секако и како што е конструирана преговарачката рамка доколку се донесеше нормално, одлуката таму стои преводот на аки-то ќе биде на македонски јазик. Ги има унилатералните изјави на Северна Македонија, и на Бугарија. Си имаат тие свое толкување. Вие знаете до ден денес со Бугарија имаме билатерален реципроцитетен договор со којшто потпишуваме договори, одредени меморандуми и спогодби на кои стои дека тоа е бугарски јазик согласно Уставот на Република Бугарија и македонски јазик согласно Уставот на Република Северна Македонија. Тоа е билатерален дел кој го имаме со Бугарија“, рече Заев и уште еднаш кажа дека прво ќе ја проверат прво автентичноста на изјавата од МНР и ќе дадат свој коментар.