ПОСТАПУВАМЕ ПО ПРИЈАВА ЗА НАПАД ВО МНТ, ВЕЛАТ ОД МВР ПО БЛОКАДАТА НА ДЕЛ ОД ЦЕНТАРОТ НА СКОПЈЕ

    ПОСТАПУВАМЕ ПО ПРИЈАВА ЗА НАПАД ВО МНТ, ВЕЛАТ ОД МВР ПО БЛОКАДАТА НА ДЕЛ ОД ЦЕНТАРОТ НА СКОПЈЕБлокирани се и пристапите преку мостовите кон левата страна на Вардар и околните улици. (Фото: К. Попов)

    Полициски сили вечерва го окупираа платото пред МНТ и кај Архивот на Македонија претресувајќи ги овие и сите околни згради и објекти откако лице пријавило напад во МНТ.

    „Ја известуваме јавноста дека МВР постапува по пријава за напад, откако едно лице се јавило во 16.45 во билетарата на МНТ. Станува збор за стандардни мерки на МВР после ваква добиена пријава и веднаш штом ги завршиме проверките и веродостојноста на информацијата ќе ја известиме јавноста соодветно. Апелираме граѓаните да останат смирени, а медиумите да ги пренесуваат официјалните и точни информации“, соопшти Министерството за внатрешни работи.

    Евекуирани се сите згради во потегот од Мостот Гоце Делчев до Националната опера и балет и Филхармонијата. Тука се и Музејот на холокаустот и Музејот на ВМРО. Блокирани се и пристапите преку мостовите кон левата страна на Вардар и околните улици.

    Децата од Музичко-балетското училиште биле сопрени од полицијата да не одат на часови.

    Полицијата не дава детали за каков напад станува збор штом во областа има толкав број припадници на специјалните сили.

    Не е познато дали се разговара со пријавителот, дали е тој воопшто обезбеден и дали пријавата му е основана или ја измислил.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира