ПОТПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА СУДСКИОТ СОВЕТ СЕЛИМ АДЕМИ, КОЈ 10 ГОДИНИ Е НА ФУНКЦИЈА, ОДБИ ДА КАЖЕ ДАЛИ ГО БРАНИ СУДИЈАТА ЕНВЕР БЕЏЕТИ ОД РАЗРЕШУВАЊЕ

    ПОТПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА СУДСКИОТ СОВЕТ СЕЛИМ АДЕМИ, КОЈ 10 ГОДИНИ Е НА ФУНКЦИЈА, ОДБИ ДА КАЖЕ ДАЛИ ГО БРАНИ СУДИЈАТА ЕНВЕР БЕЏЕТИ ОД РАЗРЕШУВАЊЕПретседателката на Судскиот совет Весна Дамева и потпретседателот Селим Адеми. (Фото: СДК.МК)

    Кавгата во Судскиот совет која почна сабајлево на седница откако се формира ново мнозинство кое бара разрешување на претседателката Весна Дамева, опфати напади и расправа за текстот „Војна во Судскиот совет за судијата Енвер Беџети“ на САКАМДАКАЖАМ.МК објавен вчера.

    „Медиум близок до претседателката нарушува приватност, се изнесуваат тајни податоци и се спомнуваат и имиња на членови на Судскиот совет. Судовите имаат проблем, а ние со што се занимаваме”, рече Миљазим Мустафа, кој во Судскиот совет е член од 2019 година и оттогаш ништо не се подобрува, туку се влошуваат работите во Судскиот совет и во судството воопшто, за што и американската амбасадорка Анџела Агелер месецов им испрати писмо, изразувајќи загриженост и разочараност по серијата укинати пресуди за предмети за висока корупција.

    САКАМДАКАЖАМ.МК, како што е наведено во вчерашниот текст, ја повика претседателката Дамева да даде став, но таа преку секретарката нè упати прашањата да ги пратиме по е-пошта, зашто не била во можност веднаш да одговори, занемарувајќи го нашето барање за итен одговор.

    И покрај тоа, на седницата поплака кон Дамева зашто наводно изнела информации во САКАМДАКАЖАМ.МК претходно во неколку наврати имаше и од потпретседателот Селим Адеми, кој од 2013 година година е во Судскиот совет и двапати досега бил потпретседател. Додека 10 години е во Советот, континуирано се влошува состојбата во судството, довербата на јавноста во судството го допре дното.

    На молбите од САКАМДАКАЖАМ.МК денеска да застане да одговара на новинарски прашања како на пример дали чувствува одговорност за проблемите во судството, бидејќи најдолго од сите е во Судскиот совет, но и да каже јавно какви проблеми му направи нашиот медиум со вчерашниот текст, зошто не беа избрани судии кривичари во Врховниот суд и што е вистинската причина за блокадата на Судскиот совет – Адеми одби да даде изјава.

    Во обид да го вратиме да не излезе со брзи чекори низ вратата и да каже – дали иницијативата за одговорност на судијата Енвер Беџети ќе се најде на дневен ред и дали понатаму ќе ја спречува, тој не застана, си замина.

    На седницата, откако Мустафа и Адеми ја обвинија дека Дамева ги дала информациите на САКАМДАКАЖАМ.МК за вчерашниот текст, таа рече: „Еве тука е новинарката, нека каже дека таа не успеа вчера со мене да се слушне, поради што добив оправдани критики, зашто морала од повеќе страни да се брифира“.

    Сепак, новинарите немаат право на глас, бидејќи таков е деловникот на Судскиот совет.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира