ПОТВРДА ЗА НЕОСУДУВАНОСТ ЌЕ СЕ ВАДИ НА МОБИЛЕН ТЕЛЕФОН ЗА ТРИ МИНУТИ, СИТЕ СУДОВИ СЕ ДИГИТАЛИЗИРААТ

    ПОТВРДА ЗА НЕОСУДУВАНОСТ ЌЕ СЕ ВАДИ НА МОБИЛЕН ТЕЛЕФОН ЗА ТРИ МИНУТИ, СИТЕ СУДОВИ СЕ ДИГИТАЛИЗИРААТГраѓанинот ќе си бира суд од кој сака да ја добие потврдата за неосудуваност, место од друг град да патува до судот по местото на раѓање. (Фото: К. Попов)

    Со неколку кликови на мобилниот телефон, за три минути ќе се вади уверение за неосудуваност, кое на граѓаните им е потребно за вработување, за огласи, за кандидатура за избори, за виза и друго. За овие работи мораше физички да се оди на шалтер во суд за да се поднесе првин барање, да се чека и моли една недела за побрзо да ви го дадат, и да отидете повторно во суд да го земете.

    Потврдата за неосудуваност и за кривично негонење ќе биде со кју-ар код, исто како за вакцините, предвидува овој проект на Министерството за правда, кој ќе стартува следната недела. Министерството почна процес на дигитализација на судовите со која за првпат електронски се поврзуваат судовите, но и судовите со МВР, и со другите институции. Со тоа е овозможено судовите за само 30 секунди да добијат податок од базата на друг суд или институција и корисникот веднаш да ја добие потврдата.

    Според објаснувањето што го доби САКАМДАКАЖАМ.МК од Министерството за правда, вадењето потврда за неосудуваност ќе оди на начин што граѓанинот првин влегува на платформата е-услуга. Таму ќе биде додадена и услугата – извод од казнена и кривична евиденција. Се впишуваат податоци само во неколку полиња. Меѓу нив е и бројот на кредитната картичка. Се плаќа електронски во секунда, услугата ќе чини исто како што е сега за хартиена форма со чекање и до една недела за потврда за неосудуваност.

    Тоа што ќе го испрати судот, корисникот си го симнува, скенира, и си ја има потврдата на мобилниот телефон. Целата процедура, сосе плаќањето, одзема три до четири минути, велат последните тестирања што ги прави Министерството за правда, пред стартот на оваа дигитална, многу важна услуга за граѓаните.

    На граѓанинот сега ќе му се отвори мени со сите судови и со еден клик ќе го одбере судот по место на раѓање. Според стариот и тромав систем, ако сте роден во Гевгелија на пример, а живеете во Скопје, за потврда мора да оди во судот по местото на раѓање. Еднаш да поднесе барање, па по околу една недела, пак да патува да си ја земе лично.

    Граѓаните треба да знаат дека многу прецизно и навремено таа база на податоци за (не)осудуваност и за кривично гонење ќе се апдејтира. Така, ако некој направи прекршок или кривично дело, или биде обвинет и осуден, тоа ќе си влезе во базата. Следниот пат кога ќе побара потврда, тие податоци ќе излезат, велат во Министерството за правда.

    „Планот е за една година сите услуги од граѓаните да се дигитализираат. Всушност целта е да се поврзе целата комуникација на граѓаните и судовите“, велат од кабинетот на министерот за правда Бојан Маричиќ.

    Од кабинетот потврдуваат дека деновиве стигнува помош од ОБСЕ, од опрема до инвентар, за снимање на судските процеси, за присуство и следење на судењата од далечина (зум, гугл мит, мајкрософт тимс…), за 10 судови во Македонија.

    Со електронскиот начин на вадење документ за неосудуваност, велат соговорниците, ќе се намалат трошоците за хартија и за персонал (судска администрација), но и ситната корупција со потплатување и бркање врски за побрзо издавање на потврдата.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира