ПОВТОРНО ПРОТЕКОА ТАЈНИ ПОДАТОЦИ ОД ИСТРАГА, ПАЛЕВСКИ ГИ ИСКОРИСТИ ДА ПОБАРА ИЗЗЕМАЊЕ ОД ОБВИНИТЕЛКАТА ПРОТИВ НЕГО

    ПОВТОРНО ПРОТЕКОА ТАЈНИ ПОДАТОЦИ ОД ИСТРАГА, ПАЛЕВСКИ ГИ ИСКОРИСТИ ДА ПОБАРА ИЗЗЕМАЊЕ ОД ОБВИНИТЕЛКАТА ПРОТИВ НЕГО„Тоа се списи кои ги има само обвинителството, а не се доставени ниту на увид, ниту е даден еден единствен примерок некому од одбраната“, рече обвинителката Јосифовска. (Фото: Принтскрин од видео на МИА)

    Љупчо Палевски, обвинетиот извршител на убиствата на 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје и на 74-годишниот велешанец Панче Жежовски во ноември 2023, денеска побара изземање на обвинителката Жаклина Јосифовска, нејзина кривична одговорност за наводно криење докази во истрагата.

    Побара и изземање од овој предмет на целото Скопско обвинителство поради политичко договарање и тешка конструкција против него како киднапер и свиреп егзекутор на Панче и Вања.

    На квалификациите дека истрагата што ја водела е незаконска, обвинителката Јосифовска одговори:

    „Се приближуваме до денот кога јавноста ќе биде запознаена кои дејства конкретно ги презел обвинетиот Љупчо Палевски, кој цело време негира дека учествувал во планирање, киднапирање и убиства на двете жртви. Обвинителството ги презеде сите дејствија и ги приложи сите потребни докази. Многу е чудно како обвинетиот Палевски ги има записниците од испитувањата во обвинителството на обвинетите Боре Видевски, Велибор Манев, Влатко Кешишев и таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, бидејќи тоа се списи кои ги има само обвинителството, а не се доставени ниту на увид, ниту е даден еден единствен примерок некому од одбраната. Оттука, многу е чудно како обвинетиот дожол до нив и ги презентира во јавноста. Додека не преземеме чекори против некое лице, не можеме да кажеме кој му ги дал на Палевски“.

    Државниот обвинител Љупчо Коцевски треба да одлучи за три дена, до четврток, а судењето судијата Ивица Стефановски од Кривичниот суд Скопје, го закажа за трети февруари. На трети февруари, ќе сведочи и клучниот сведок Гоце Трајковски од Велес, кој е во кумско сродство со киднапираното и убиено девојче.

    Палевски го прочита писмото до Коцевски, односно барањето за изземање. Во еден дел наведува:

    „Боре Видевски поседува пиштол зброевка’ со дозвола и пушка ‘мозберг’. На 3.12. 2023 година кај Видевски е направен претрес, а пиштолот не е земен предвид. Зошто јавната обвинителка тоа не го зела предвид, не знаеме. Во ниеден записник го нема, не постои потврда за одземени предмети на Боре Видевски, воопшто. Не ни проверила како кај мене на пример, имам ли, немам ли дозвола, имам-немам оружје, итн. Ова е сериозен пропуст на обвинителката Жаклина Крстевска-Јосифовска“.

    Рече дека во прилог на писмото до Коцевски испраќа и слика од монитор на компјутер од МВР, на кој се гледала архивирана дозволата на Видевски за поседување на оружје, која според Палевски, обвинителката не сакала да ја види.

    „Дали со ова оружје е сторено кривично дело или не? Каде е пиштолот ‘зброевка 75’? Каде е пиштолот со кој се сторени убиствата? Зошто не ја приложила чаурата како доказ?“, се прашањата кои Палевски смета дека обвинителката не си ги поставила.

    Судењето продолжува на 3 февруари. Дотогаш, Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски треба да се изјасни за изземањето на обвинителката и на целото Скопско обвинителство.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира