ПОЖАРИТЕ НАМЕРНО СЕ ПРЕДИЗВИКУВААТ, ВЕЛИ ДИРЕКТОРОТ НА ДИРЕКЦИЈАТА ЗА ЗАШТИТА И СПАСУВАЊЕ АДНАН ЏАФЕРОСКИ

    ПОЖАРИТЕ НАМЕРНО СЕ ПРЕДИЗВИКУВААТ, ВЕЛИ ДИРЕКТОРОТ НА ДИРЕКЦИЈАТА ЗА ЗАШТИТА И СПАСУВАЊЕ АДНАН ЏАФЕРОСКИ„Првата причина за пожарите е палење на стрништа од земјоделците, а втората намерно палење на шумите во повисоките предели од човечки фактор. Алармантно е ова што се случува изминатиов месец и сите институции треба да си преземат одговорност за овие случувања“, вели директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Аднан Џафероски.(Фото: СДК.МК)

    Алармантно е тоа што ни се случува месецов, пожарите намерно се предизвикуваат, вели директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Аднан Џафероски.

    Речиси цел месец низ цела земја гори шума, ниска вегетација и се палат стрништа. Како што велат од Дирекцијата за заштита и спасување ваква појава досега немало, никогаш пожари немало толку рано во годината, туку само сред лето кога се високи температурите.

    „Причината е човечки фактор. Немам податоци дека последниве 30 години имало ваква појава, толку рано да имаме пожари и тоа од вакви размери. Податоците од терен ни покажуваат дека ова е исклучиво човечки фактор, не станува збор за високи температури. Првата причина за пожарите е палење на стрништа од земјоделците, а втората намерно палење на шумите во повисоките предели од човечки фактор. Кои се побудите тоа треба надлежните институции да си постават прашање. Алармантно е ова што се случува изминатиов месец и сите институции треба да си преземат одговорност за овие случувања“, вели директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Аднан Џафероски.

    Стрништа и шуми се палат секој ден, но досега ниту едно лице не е фатено и санкционирано. Вчера алармантна била состојбата во Липково, каде опколени со пожар биле две населени места и малку фалело да се случи катастрофа како со пожарот во Атина лани. Директорот Џафероски вели дека нивна задача е да воспостават систем на заштита и спасување и да интервенираат, не и да бараат пиромани и казнуваат.

    „Мислам дека немаме доволно функционален систем каде секој ќе си ја преземе својата одговорност. Сите овие години овој систем бил растурен и не може веднаш да се промени. Вложуваме голем труд, во контакт сме со сите релевантни структури. Ресурсите се на очајно ниво во цела држава. Во текот на изминатата недела воздухопловите направија голем подвиг. Вчера благодарение на интервенцијата на авионите беше спречено оганот да се прошири во населени места. Апелирам до сите граѓани и институции да покажат општествена одговорност и да пријавуваат пироманите. Инспекциските служби за Министерството за земјоделство да излезат на терен и да ја следат ситуацијата со палење на стрништа, оти еден пламен може да направи голема катастрофа“, додава Џафероски.

    Дирекцијата за заштита и спасување има три авиони за гасење на пожари. Џафероски вели дека се во добра состојба и дека сега редовно се сервисираат. Имаат потреба од уште еден авион кој треба да се набави годинава и покрај за гасење пожари ќе се користи и за обука на пилоти.

    „Сега имаме само три пилоти. Вработивме 4 нови кои треба да се обучат. Воздухопловите се скап ресурс, не можеме да ги трошиме ресурсите на било каков пожар. Авионите се само воздушна поддршка за намалување на пожарот за да се спречи ширење. Пожарот се гаси од земја, мора да се има сили од земја. Никаде во светот не се гасат пожари во вечерни услови. Немаат авионите уреди за да управуваат со нив навечер, имаат прегледност на теренот само преку ден“, додава Џафероски.

    А. АНТЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира