ПОЗНАТИ САМО ТРИ КЛАСТЕРИ СО 20-ТИНА ЗАБОЛЕНИ ВО СКОПЈЕ, ОСТАНАТИТЕ НЕ ЗНААТ КАЈ СЕ ЗАРАЗИЛЕ

    ПОЗНАТИ САМО ТРИ КЛАСТЕРИ СО 20-ТИНА ЗАБОЛЕНИ ВО СКОПЈЕ, ОСТАНАТИТЕ НЕ ЗНААТ КАЈ СЕ ЗАРАЗИЛЕНајголемиот проблем останува тоа што луѓето не носат маски особено при групни собирања - Жена со маска во центарот на Скопје (Фото: Ѓ. Личовски)

    Од 90 новозаразени со коронавирус вчера во Скопје, откриени се само три кластери со 20-тина заболени, додека останатите не знаат кај се заразиле. Директорот на Центар за јавно здравје Скопје д-р Александар Стојанов вели дека станува збор за две фамилии и една голема трговска фирма, кои биле детектирани како кластери, додека кај другите станува збор за хоризонтално ширење на вирусот и не може да се открие кој од кого се заразил. Како што вели Стојанов, најголем проблем останува групирањето и непочитувањето на препораките за заштита од коронавирусот.

    „Имаме случаи на отворање на кафани, мини концерти се прават, иако не се отворени дискотеките и ноќните клубови. Се прават годишнини од отварање на кафани. Без разлика дали е свадба, дали е автобус, пазар, групирањето е најопасно, посебно што не се носат маски“, вели Стојанов.

    Вкупно во Скопје има 1.864 активни случаи на коронавирус. Тој вели дека за разлика од на пример Свети Николе, каде што може да се лоцира од каде доаѓа заразата и да се затвори изворот – текстилната фабрика и да се контролира, во Скопје ситуацијата е многу тешко да се контролира. „Кога имате еден, или двајца позитивни на коронавирус во едно семејство, тоа не е кластер, вирусот неконтролирано се шири и треба секој да се однесува како да е преносител на заразата. Заштитата е многу едноставна. Треба само да се носи маска кога си во друштво со некој што не ти е семејство“, вели д-р Стојанов.

    Министерството за здравство вчера соопшти дека на Инфективната клиника во последните 24 часа се примени 6 пациенти, а вкупно се хоспитализирани 87 пациенти. Од нив, на кислородна поддршка се 62 пациенти, а нема пациенти на респираторна машина. Во болницата во Козле се хоспитализирани 21 возрасен пациент позитивен на КОВИД-19, 3 деца позитивни и 4 деца со мајки суспектни на вирусот. Во болницата „8 Септември“ примени се 14 нови пациенти, а вкупно хоспитализирани се 96 пациенти. На респираторна машина таму се двајца пациенти.

    М.ИЛИОСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира