ПРАТЕНИЧКИТЕ РЕМЕНСКИ И АЛЕКСАНДРОВА ЌЕ КОПРЕТСЕДАВААТ СО СОБРАНИСКОТО ТЕЛО ЗА ПОМИРУВАЊЕ

    ПРАТЕНИЧКИТЕ РЕМЕНСКИ И АЛЕКСАНДРОВА ЌЕ КОПРЕТСЕДАВААТ СО СОБРАНИСКОТО ТЕЛО ЗА ПОМИРУВАЊЕКоординаторот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски не присуствуваше на денешната координацијата, бидејќи партијата не го признава Џафери за претседател на Собранието. - Од координацијата за формирање на собраниското тело за помирување (Фото: СДК.МК)

    Во Собранието се формираше меѓупартиското парламентарно тело за помирување. Во телото ќе членуваат потпретседателите на Собранието, координаторите на пратеничките групи, како и пратеници кои не се во пратеничка група, а претставник треба да одредат поголемите пратенички групи, оние на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ со коалициите.

    Со телото нема да претседава претседателот на Собранието Талат Џафери, како што беше првично најавено, туку ќе има двајца копретседавачи, потпретседателката на Собранието Фросина Ременски и Емилија Александрова од независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ. Координаторот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски не присуствуваше на денешната координацијата, бидејќи партијата не го признава Џафери за претседател на Собранието.

    „На наредната седница ќе се одлучува за методологијата на работа, кои се надлежностите на телото и за темите за кои ќе се разговара. Немаше пречки јас да претседавач со телото, но поради моите обврски како претседател и како пратеник подобро е јас да не го водам телото“, изјави Џафери по координацијата.

    Сурија Рашиди, претставникот на Алијанса за Албанците го напуштил состанокот. Џафери за напуштањето на Рашиди рече дека тоа е негово право, но смета дека тој требало да остане, бидејќи сега се разговарало само за составот на телото.

    Прашан за уставните амандмани, Џафери рече дека ВМРО-ДПМНЕ не може да опструира бидејќи има строго определени процедури во собранискиот деловник.

    Собраниското тело за помирување го најави премиерот Зоран Заев, кое, според него, треба да најде начин за национално помирување.

    „Разговарав и со пратеници кои се обвинети за намерата во оваа сала да го одземат мојот живот и на пратениците. Разговаравме и подадовме рака, затоа што редот е да се помириме. Верувам дека пораката за простување охрабри. Верувам дека ќе се најдат начини да се направат национално обединување, сега е моментот да се обединиме. Преку работни групи во Собранието ќе најдеме начин за национално помирување“, рече Заев на 20 октомври по гласањето за отворање на Уставот.

    Заев тогаш рече и дека судските процеси кои се водат ќе продолжат и дека секој граѓанин во државата треба да сноси одговорност за тоа што е обвинет и што е потврдено со правосилна судска пресуда.

    Г. ТРПЕНОСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира