ПРАТЕНИКОТ СТОИЉКОВИЌ ЗА РУСКИ „СПУТНИК“ РЕЧЕ ДЕКА ЌЕ ЈА ТУЖИ МАКЕДОНИЈА ОТИ СЛУЖБИТЕ ГО ПРИСЛУШУВАЛЕ ЗАЕДНО СО ЖИВАЉЕВИЌ ПРЕД 27 АПРИЛ

    ПРАТЕНИКОТ СТОИЉКОВИЌ ЗА РУСКИ „СПУТНИК“ РЕЧЕ ДЕКА ЌЕ ЈА ТУЖИ МАКЕДОНИЈА ОТИ СЛУЖБИТЕ ГО ПРИСЛУШУВАЛЕ ЗАЕДНО СО ЖИВАЉЕВИЌ ПРЕД 27 АПРИЛЛидерот на Демократската партија на Србите Иван Стоиљковиќ вели дека нема логика судот да издаде наредба за ПИ мерки за него, бидејќи поседува безбедносен сертификат. (Фото: Јутјуб/ДПСМ)

    Пратеникот од Демократската партија на Србите Иван Стоиљковиќ најави дека ќе ги тужи македонските служби бидејќи го прислушувале заедно со српскиот разузнавач Горан Живаљевиќ и српскиот новинар Мирослав Лазански. Коалициониот партнер на ВМРО-ДПМНЕ во изјава за српското издание на руската агенција „Спутник“ вели дека како член на собраниската Комисија за одбрана и безбедност има безбедносен сертификат и не може да постои образложение од Судот со кое би била издадена наредба за да биде ставен под посебни истражни мерки.

    „Спутник“ важи за ударен медиум на руската пропаганда.

    „Ако прислушувате пратеник и го ставите на таканаречени ПИМ мерки, морате да имате одлука на судот, а за да добиете одлука на судот, мора да дадете образложение. Не знам и не сум свесен какво образложение би можело да биде за јас да бидам прислушуван кога имам безбедносен сертификат“, вели Стоиљковиќ за „Спутник Србија“.

    Тој најави дека ќе провери дали постои таква судска одлука за негово прислушување и ако не постои, ќе тужи и ќе бара отштета.

    „Ако не постои, тогаш ќе мораме преку судовите да наплатиме одредени побарувања, а ако постои такво нешто, тогаш мислам дека работите ќе одвиваат многу побрзо“, додаде Стоиљковиќ.

    Порталот „НОВА ТВ“ вчера објави за врските на претставникот на БИА и советник во српската амбасада во Скопје Горан Живаљевиќ и пратеникот Иван Стоиљковиќ. Информациите на „НОВА ТВ“ укажуваат на тоа дека човек од доверба и најверен соработник на Живаљевиќ во Македонија е пратеникот Стоиљковиќ и дека двајцата биле во редовна комуникација, а преку Лазански ја спроведувале медиумската пропаганда непосредно пред крвавите настани во македонскиот парламент на 27 април.

    Од емисијата КОД на Телма ТВ за „македонското сценарио“ во кое се отвара прашањето зошто српски разузнавач вработен како советник во амбасадата на Србија бил меѓу луѓето што влегле во Собранието на 27 април. (Фото: КОД/скриншот)

    „Има релевантни сознанија поткрепени со докази за средби помеѓу Стоилковиќ и руски дипломати во Македонија во контекст на неговата политичка за руско влијание на Балканот, со цел отстранување на западните влијанија и откажување од евроатлантските интеграции. Непосредно пред носење на важни одлуки на Владата или Собранието на РМ во последните години Стоиљковиќ ги информирал БИА и Живаљевиќ и добивал инструкции за тоа какви ставови да застапува пред владината коалиција водена од ВМРО-ДПМНЕ“, вели изворот на „НОВА ТВ“.

    Живаљевиќ стана познат во македонската јавност кога се дозна дека бил во Собранието за време на организираниот напад во Собранието на 27 април. За инцидентот српската амбасадорка Душанка Дивјак Томиќ беше повикана на разговор во македонкото МНР, а реагираше и српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ, кој кажа дека Живаљевиќ не направил ништо нелегално и бил во Собранието оти тоа му било работа како разузнавач.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира