ПРАТЕНИЦИТЕ МОЖАТ ДА ГО СПРЕЧАТ АКТИВИРАЊЕТО НА ПОМИЛУВАЊАТА НА ИВАНОВ, ВО СОБРАНИЕТО ЌЕ СЕ ВИДИ КОЈ Е ЗА ПРАВДА, А КОЈ СЛУГА НА КРИМИНАЛОТ, ВЕЛИ ДЕСКОСКА

    ПРАТЕНИЦИТЕ МОЖАТ ДА ГО СПРЕЧАТ АКТИВИРАЊЕТО НА ПОМИЛУВАЊАТА НА ИВАНОВ, ВО СОБРАНИЕТО ЌЕ СЕ ВИДИ КОЈ Е ЗА ПРАВДА, А КОЈ СЛУГА НА КРИМИНАЛОТ, ВЕЛИ ДЕСКОСКАМинистерката за правда Рената Дескоска рече дека нејзиното министерство ќе ѝ предложи на Владата да побара автентично толкување од Собранието, но кажа дека пратениците можат уште денеска да го побараат тоа. - Министерката за правда на собраниската говорница (Фото: СДК.МК)

    Министерката за правда Рената Дескоска денеска ги повика пратениците да направат автентично толкување на членот 11 од Законот за помилување со што би го спречиле Уставниот суд да ги активира помилувањата на поранешниот претседател Ѓорге Иванов за обвинетите во случаите на СЈО, некои веќе осудени.

    „Секојдневно сме сведоци на обиди за избегнување на правдата. Тие обиди се движат од постојано одложување на судења до иницирање постапки пред Уставен суд за укинување членови од Кривичниот законик, а сега за Законот за помилување. Целта е постигнување неказнивост за делата кои беа предмет на СЈО, а сега се префрлени во Јавното обвинителство. Со отворање на вчерашната постапка на Уставниот суд за оценка на членот 11 од Законот за помилување се заканува голема опасност за постапките кои се водат за прислушуваните материјали“, изјави Дескоска, без да прејудицира каква ќе биде конечната одлука на Уставниот суд.

    Таа рече дека нејзиното министерство ќе ѝ предложи на Владата да побара автентично толкување од Собранието, но кажа дека пратениците можат уште денеска да го побараат тоа и да побараат свикување итна седница. Кажа и дека во Собранието ќе се види кој е за правда, а кој е слуга на криминалот.

    „Да се спречи активирањето на незаконските помилувања дадени од поранешниот претседател Ѓорге Иванов, го повикувам Собранието да ги искористи механизмите што ги има во своите раце. Со автентично толкување може да го потврди тоа што го тврдеше и сè уште го тврди стручната јавност дека членот 11 на кои Иванов ги засноваше своите масовни помилувања, не постоеше. Односно дека одлуката на Уставниот суд од март 2016 за укинување на Законот за изменување и дополнување на Законот за помилување од 2009 година не го оживеа стариот член 11 од законот. Во рацете на Собранието е еднаш засекогаш да го затвори ова прашање и да не дозволи заживување на помилувањата на Иванов“, вели Дескоска.

    На новинарско прашање дали има време да се реализира процесот на автентично толкување во Собранието поради предвремените парламентарни избори на 12 април, таа одговори:

    „Ако има волја, има и време, може уште следната недела да се направи автентично толкување во Собранието“.

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари