Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ Крсто Мукоски, Јохан Тарчуловски и Жаклина Пешевска утринава дојдоа во Основниот суд Скопје 1 да дадат исказ пред судија на претходна постапка по што треба да се одлучи дали ќе добијат мерка притвор, како што бара Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција. Мукоски, Тарчуловски и Пешевска се дел од групата од шестмина пратеници, осомничени за кривичното дело за Терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста во врска со организираниот напад во Собранието на 27 април. Минималната казна за ова кривично дело е 10 години.
На 1 декември, Собранието со мнозинство гласови „за“ го прифати барањето за одобрување притвор на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ Јохан Тарчуловски (66 гласа „за“), Крсто Мукоски (67), Љубен Арнаудов (66), Сашо Василевски (67), Жаклина Пешевска (66) и на пратеникот од Социјалистичката партија Љупчо Димовски (67) на денешната седница. Барањето беше поднесено од надлежниот орган – Основен суд Скопје 1, Одделение за организиран криминал и корупција.
Пратеничката Пешевска дојде пред судот со семејството, а таму се неколкумина други опозициски пратеници, како Зоран Илиоски и Крсто Јовановски.
А. АНТЕВСКА