Само што се израдува за празничното помилување од претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, на која јавно ѝ се заблагодари преку социјалните мрежи, Акиф Равманоски денеска е уапсен, под сомневање за извршен обид за убиство. Уапсен е на излегување од затворот „Идризово“.
Од „Идризово“, практично помилуваниот Равманоски е однесен пред судија на претходна постапка, од кого се бара да му изрече мерка притвор и да биде однесен директно во затворот во Шутка.
„По наредба на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје, полициски службеници од Министерството за внатрешни работи денеска непосредно по излегувањето од КПУ ‘Идризово’ – Скопје, лишија од слобода лице на кое со Одлука на Претседателот на Република Северна Македонија извршувањето на изречената казна затвор му беше заменето со условна осуда, бидејќи за истото лице е поведена истрага за ново кривично дело – Убиство од член 123 во врска со член 19 (во обид) од Кривичниот законик“, соопшти Обвинителството.
За лицето се водела претходна постапка во врска со оружениот инцидент кој се случи на 14 октомври 2024 година на булеварот „Христијан Тодоровски Карпош“ во Чаир.
„Вештачењата за присуство на барутни честички кои беа извршени по наредба на јавниот обвинител, ги потврдија првичните сознанија дека сега осомничениот со огнено оружје пиштол испукал неколку истрели во правец на оштетениот со умисла да го лиши од живот и му нанел прострелна рана во ногата. Веднаш по пристигнување на вештиот наод, денеска е донесена Наредба за истрага на осомничениот, а до судија на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје ќе биде доставен предлог за определување мерка притвор“, вели Обвинителството.
За истиот настан, по поднесена кривична пријава од Министерството за внатрешни работи против три лица, ОЈО Скопје за нив истовремено поведе постапка за кривично дело – Учество во тепачка од член 132 став 1 од Кривичниот законик.
- ЛИЧНОСТИТЕ ЗА КОИ ПОТПИШАВ ПОМИЛУВАЊЕ СЕ ИНТЕРЕСНИ ВО НЕГАТИВНА СМИСЛА, НО ЈАС ИМАМ ДОВЕРБА ВО ПРОЦЕНКАТА НА КОМИСИЈАТА ШТО ЈА ИЗБРАВ, КАЖА СИЉАНОВСКА-ДАВКОВА ЗА ПОМИЛУВАЊЕТО ОПАСНИ ЛИЦА ОД ПОДЗЕМЈЕТО
- МЕЃУ ПОМИЛУВАНИТЕ ОД ПРЕТСЕДАТЕЛКАТА СИЉАНОВСКА-ДАВКОВА СЕ И АРАЧИНОВЦИТЕ РАВМАНОСКИ И МАСЛАНИ, АПСЕНИ ЗА ОРУЖЈЕ И ДРОГА
Во пресрет на празникот 23 Октомври, Равманоски беше еден од десеттемина помилувани од Сиљановска-Давкова, кому казната од година и пол затвор му беше сменета во условна.
С. К. ДЕЛЕВСКА