ПРЕД НАСТАПОТ ЌЕ СЕ ПОВЛЕЧАМ НА 5 МИНУТИ ВО МОЕТО ТИВКО КАТЧЕ, ВЕЛИ ТАМАРА ПРЕД ФИНАЛЕТО НА ЕВРОВИЗИЈА

    ПРЕД НАСТАПОТ ЌЕ СЕ ПОВЛЕЧАМ НА 5 МИНУТИ ВО МОЕТО ТИВКО КАТЧЕ, ВЕЛИ ТАМАРА ПРЕД ФИНАЛЕТО НА ЕВРОВИЗИЈАЗа евровизиските финалисти последните два дена се убиствени: вчера имаа две генерални проби, од кои вечерната е жири финалето, каде Тамара повторно блесна со својата изведба, а денес ја имаат последната генерална проба со почеток во 13 часот пред големото финале; - Тамара на генералната проба пред финалето. (Фото: ЕБУ)

    (Специјално од Тел Авив: Игор ТРАЈКОВСКИ)

    Во Тел Авив вечерва во 21 часот започнува финалната трка за победник на Евровизија 2019. Тамара Тодевска со „Горда“ (Proud) во четврточното полуфинале успеа да ја смести Северна Македонија во групата од 26 земји кои вечерва ќе се борат за титулата евровизиски победник.

    За евровизиските финалисти последните два дена се убиствени: вчера имаа две генерални проби, од кои вечерната е жири финалето (каде Тамара повторно блесна со својата изведба), а денес ја имаат последната генерална проба со почеток во 13 часот пред големото финале. Финалистите, освен ако не сте член на нивните делегации, не можете да ги видите никаде бидејќи се во континуирана подготовка, како да пропаднале во земја.

    За Тамара со сигурност знаеме дека непосредно пред настапот ќе направи две работи: ќе отиде во тоалет, и ќе се повлече на пет минути во своето „тивко катче” каде ментално ќе се подготви за настапот, како што ни објасни на почетокот на манифестацијата.

    Во евровизиските кулоари проценките за нашиот пласман се одлични. Ова е првпат во нашата релативно куса евровизиска историја да не слушнеме ниту еден негативен коментар за македонскиот претставник и повеќемината сметаат дека Тамара би требало да се пласира во посакуваните топ 10.

    Чист фаворит за победа нема, во групата фаворити се Холандија, Шведска. Швајцарија, Азербејџан и Австралија. Но, изненадувања на Евровизија секогаш има. Без оглед на тоа, ни се предвидува дека вечер ќе го постигнеме најдобриот пласман од кога и да е на Евровизија и дека ќе се пласираме повисоко од 12-тата позиција која ја оствари Елена Ристеска со „Нинанајна“ во Атина 2006.

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари