ПРЕДЛОЖЕНАТА ВЛАДА ПЛАНИРА ГРАНТОВИ ЗА МЛАДИ ЛЕКАРИ ДА РАБОТАТ ВО СЕЛО И ДА ИМ ПЛАЌА СТАН НА СПЕЦИЈАЛИЗАНТИТЕ КОИ НЕ СЕ ОД СКОПЈЕ

    ПРЕДЛОЖЕНАТА ВЛАДА ПЛАНИРА ГРАНТОВИ ЗА МЛАДИ ЛЕКАРИ ДА РАБОТАТ ВО СЕЛО И ДА ИМ ПЛАЌА СТАН НА СПЕЦИЈАЛИЗАНТИТЕ КОИ НЕ СЕ ОД СКОПЈЕВладата во објавената програма најавува дека сите лекари на специјализација со живеалиште надвор од Скопје кои го немаат решено станбеното прашање ќе добијат субвенција од 12. 000 денари месечно, како и дека ќе обезбедат платен работен стаж за секој нов млад лекар, но и паричен надоместок како стимулација. (Фото: Ѓ. Личовски )

    Младите лекари кои се на специјализација со живеалиште надвор од Скопје ќе добиваат субвенции за стан од 12 илјади денари месечно, стимулирање на млади лекари да работат во рурални средини, преку доделување на грантови на млади лекари кои сакаат да отворат ординации во рурални средини и апликацијата „Мое здравје“, се дел од новитетите во програмата на Владата за здравствениот сектор од 2020 до 2024, предложена од мандатарот Зоран Заев.

    Владата во објавената програма најавува дека сите лекари на специјализација со живеалиште надвор од Скопје кои го немаат решено станбеното прашање ќе добијат субвенција од 12. 000 денари месечно, како и дека ќе обезбедат платен работен стаж за секој нов млад лекар, но и паричен надоместок како стимулација.

    Апликацијата „Мое здравје“ ќе се воведе до крајот на 2020 година, и со неа, за секој граѓанин ќе се обезбедат електронски поврзани податоци и историјат на дијагнози и терапии.

    „Со тоа, граѓаните ќе имаат подобар увид и грижа за сопственото здравје“, стои во програмата.

    Се најавува и дека до крајот на мандатот сите болници и здравствени домови ќе ги направат енергетски ефикасни, ќе ги реновираат сите вакцинални пунктови и најстарите одделенија во болниците и ќе се воведе целосно електронско здравство, без користење на хартиени форми на документи.

    Се планира да се воспостават три нови пункта за итна медицинска помош на подрачјето на град Скопје, а исто така и неискористените болнички капацитети да се пренаменат во домови за стари лица.

    Од 2021 година ќе се воведе нова превентивна програма за скрининг на рак на кожата (меланом), а согласно европските протоколи и клинички патеки, ќе се зголеми достапноста на мамографскиот скрининг, преку набавка на дополнителни мамографи и мобилен мамограф за да се подобри стапката на детекција на ракот на дојката во најраната можна фаза.

    „Докторите од примарна здравствена заштита во места каде што недостасуваат лекари ќе можат да работат и да даваат услуги (дежурства, итна помош, вакцинални пунктови и патронажа) за што дополнително ќе бидат платени. Исто така, докторите од здравствените домови ќе можат да регистрираат пациенти како матични лекари“, стои во програмата на Владата за следните 4 години.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира