ПРЕГОВОРИТЕ И ДОГОВОРИТЕ СО БУГАРИЈА НЕ СМЕАТ ДА БИДАТ ТАЈНИ, ВЛАДАТА ВЕДНАШ ДА ГО ОБЈАВИ ПРОТОКОЛОТ, БАРА ГРУПА НЕВЛАДИНИ

    ПРЕГОВОРИТЕ И ДОГОВОРИТЕ СО БУГАРИЈА НЕ СМЕАТ ДА БИДАТ ТАЈНИ, ВЛАДАТА ВЕДНАШ ДА ГО ОБЈАВИ ПРОТОКОЛОТ, БАРА ГРУПА НЕВЛАДИНИОд вчерашниот протест против прифаќање на францускиот предлог пред Владата. (Фото: К. Попов)

    Сите понатамошни чекори и документи, вклучително и Протоколот, кои што би ги презела македонската влада за решавање на македонско-бугарскиот спор, да бидат презентирани во јавноста за да се обезбеди широка општествена поддршка и Собранието не смее да биде заобиколено, бараат невладините организации Институтот за демократија и Институтот за европска политика, поддржани од Македонски Центар за меѓународна соработка, Институт за комуникациски студии, Центарот за управување со знаење, Центар за истражување и креирање политики, Центар за правни истражувања и анализи, Зелен институт, ЕКОВИТА, Рурална коалиција, РАДАР и професорите Златко Илијовски и Лазар Јовевски.

    Според документот на групата невладини, македонско–бугарските преговори и договори не смеат повеќе да бидат тајни.

    „Протоколот кој сè уште не е достапен за јавноста, останува дел од преговарачката рамка. Историските теми остануваат на маса, а мешовитата експертска комисија за историски и образовни прашања добива многу поголем притисок за резултати. Но овој пат, притисокот ќе биде европски, а не бугарски. Решението за македонскиот јазик не е чисто. Со изоставувањето на поглавјето 34 од преговарачката рамка и со внесувањето на унилатералните ноти за македонскиот јазик, Бугарија си остава простор во подоцнежната фаза на преговорите да го блокира затворањето на ова поглавје (кое сe носи со едногласност), доколку нејзините барања не се исполнети, а се дел од нотата за македонскиот јазик. Потпишувањето на договорот за Фронтекс не е правна гаранција за непризнавање на јазикот во ова поглавје. Аргументите „сега или никогаш“, „земи или остави“ не се оправдани во ситуација кога идниот изглед на ЕУ не е познат и кога војната во Украина налага потреба од итен успех во проширувањето што треба да се направи по секоја цена. Сега тоа е на штета на Северна Македонија, но и на самата ЕУ. Штетата од овој присилен „успех“ ќе ја направи земјата уште поранлива на подривачки влијанија од трети страни и е далеку поголема по безбедноста и стабилноста на регионот“, се вели во документот.

    Тие сметаат дека во интерес на иднината, Владата мора веднаш да го објави Протоколот кој треба да се потпише меѓу ресорните министерства, да објасни како во модифицираниот предлог е заштитен македонскиот идентитет, какви гаранции Владата обезбедила за да го заштити македонскиот јазик, особено во однос на идна злоупотреба на унилатералната изјава на Бугарија во поглавјето 34 и да одговори кога и со кои политички субјекти Владата постигнала согласност за промена на Уставот.
    Понатаму, Владата да одговорат зошто сметаат дека ова е „последна шанса“ за евроинтегративниот пат.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира