ПРЕКУ АНЕГДОТА ВО УБК ДЕКА СТАВРЕСКИ ИЗНЕРВИРАН Ѝ КАЖУВА НА ЈАНКУЛОСКА ОТИ ГРУЕВСКИ Е ЗА ВО ДЕМИР ХИСАР ДОЗНАВ ДЕКА СЕ ПРИСЛУШУВААТ МИНИСТРИ, СВЕДОЧИ ЃОРЃИ ЛАЗАРЕВСКИ НА СУДЕЊЕТО ЗА МАСОВНОТО ПРИСЛУШУВАЊЕ

    ПРЕКУ АНЕГДОТА ВО УБК ДЕКА СТАВРЕСКИ ИЗНЕРВИРАН Ѝ КАЖУВА НА ЈАНКУЛОСКА ОТИ ГРУЕВСКИ Е ЗА ВО ДЕМИР ХИСАР ДОЗНАВ ДЕКА СЕ ПРИСЛУШУВААТ МИНИСТРИ, СВЕДОЧИ ЃОРЃИ ЛАЗАРЕВСКИ НА СУДЕЊЕТО ЗА МАСОВНОТО ПРИСЛУШУВАЊЕСвиркачот Ѓорѓи Лазаревски попладнево пристигнува во Основниот суд Скопје 1 по паузата на судењето за предметот „Тврдина-Таргет“ да даде исказ како сведок на СЈО. (Фото: СДК.МК)

    Сите колеги со кои се советувал сведокот Ѓорѓи Лазаревски, свиркачот кој ги изнесе дисковите со илјадници нелегално прислушувани разговори во УБК, откако тајно се поврзал со системот за следење што функционирал до 2008, не биле изненадени дека толкав обем на личности се во системот за прислушување во МВР. Вака Лазаревски го продолжи денешното сведочење и кажа што споделиле пак неговите колеги со него, кои веќе почнале да работат со новиот израелски систем „Најс“.

    „Во еден разговор со колега изненаден од содржината што тој ја видел, низ анегдота дознав дека биле снимани актуелни министри како Миле Јанакиески, Зоран Ставрески и Гордана Јанкулоска. Во снимен разговор меѓу Јанкулоска и Ставрески за реновирање на објект во Битола, изнервиран од однесувањето на тогашниот премиер Никола Груевски, и вели на Јанкулоска дека тој е за во психијатриската болница Демир Хисар, што алудира на лудило“, рече Лазаревски.

    Тогаш му пристапил на претпоставениот Ѕвонко Костовски и го прашал дали е вистина дека се прислушуваат актуелни министри.

    „Нема кој не се прислушува“, ми рече Ѕвонко, сведочи Лазаревски.

    Претходно во стариот систем „Веринт“, тој дошол до детални табели со таргетирани прислушувани броеви и се фрапирал од тоа колку јавни личности и политичари од опозицијата од СДСМ биле нелегално прислушување, бидејќи немало потреба за тоа.

    „Имињата на операторите се поклопуваат со иницијалите на луѓето што биле на функција како репродуцери. Операторите Г. Г., Н. Н. и операторот ’директор‘ комплетно беа концентрирани кон таргети кои сметав дека се нелегални, а сите останати оператори пристапуваа само до таргети кои се легални“, рече Лазаревски и додаде дека живеел со овие сознанија бидејќи и да излезел во јавноста, немало да може да докаже во тој момент.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира