ПРЕСПА Е ЕДЕН УБАВ ГРАД ВО РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА, КАЖА МИЦКОСКИ КОМЕНТИРАЈЌИ ГИ НАЈАВИТЕ ЗА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА

    ПРЕСПА Е ЕДЕН УБАВ ГРАД ВО РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА, КАЖА МИЦКОСКИ КОМЕНТИРАЈЌИ ГИ НАЈАВИТЕ ЗА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈАЛидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вечерва се сретна со членството и симпатизерите од Битола, а меѓу нив присутни беа и ексградоначалникот на Битола Владимир Талески, како и поранешни директори и функционери од оваа партија. (Фото: СДК.МК)

    Преспа е еден убав град во Република Македонија, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вечерва во Битола запрашан за тоа како ги коментира најавите за името Северна Македонија како решение на спорот со Грција и можниот договор во Преспа.

    „Тоа се новинарски шпекулации, полуинформации, полувистини. Ние сме надвор од процесот, комплетно сме исклучени од каква било информација, она што најчесто го добиваме како информација е од новинарски текстови и она што кај нашиот јужен сосед се лиферува како вест. Инаку Преспа е убав град во Република Македонија каде што има едно прекрасно езеро“, рече Мицкоски.

    Запрашан зошто ја изгубиле Битола на изборите, тој призна дека во минатото направиле грешки, но дека сега од нив извлекле поука, па Битола ќе биде меѓу приоритетите во нивната нова изборна програма, додавајќи дека ќе се вика „Нов завет“.

    „Политиката е динамичен процес, еднаш победувате, друг пат губите. Се разбира ги анализираме грешките во минатото и врз основа на тие грешки носиме заклучоци како да продолжиме во иднината. Мислам дека извлековме поука од грешките што ги правевме во минатото и истите ќе ги коригираме за во иднина“, рече Мицкоски.

    Тој вечерва се сретна со членството и симпатизерите од Битола, а меѓу нив присутни беа и ексградоначалникот на Битола Владимир Талески, како и поранешни директори и функционери од оваа партија.

    Преспа беше спомената во грчките медиуми како место каде што ќе биде потпишан евентуалниот договор за името меѓу премиерите на Македонија и Грција, Зоран Заев и Алексис Ципрас.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира