Апелациониот суд вели дека првостепената пресуда на обвинетиот Сашо Мијалков во предметот „Тврдина-Таргет“ за масовното незаконско прислушување била нејасна и противречна самата на себе или во неа не се наведени причините за решавачките факти или докази изведени на главната расправа, како и дека постои неусогласеност меѓу изречената пресуда и она што е наведено во нејзиниот писмено изготвен примерок, во денешното соопштение со појаснување за одлуката за укинување на пресудата.
„Апелациониот суд Скопје, информира дека првостепената пресуда е укината поради сторени суштествени повреди на одредбите на постапката од член 415 став 1 точка 11, став 2 и став 3 од ЗКП како и повреди на кои судот внимава по службена должност во смисла на член 427 в.в. член 375 од ЗКП, а кои повреди влијаеле и врз правилно утврдување на фактичката состојба и правилна примена на материјалното право. Имено, внимајќи по службена должност советот на Апелациониот суд Скопје утврди дека постои неусогласеност меѓу изречената пресуда и она што е наведено во нејзиниот писмено изготвен примерок, односно во изворникот на пресудата нема опис на противправните дејствија за секој од обвинетите. Ова особено што писмено изработената пресуда мора во целост да одговора на изреката што е внесена во записникот и затоа објавувањето на пресудата треба да биде јасно и прецизно односно јавно објавената изрека од пресудата треба да ги содржи сите потребни елементи од член 408 од ЗКП. Ваквата суштествена повреда е од апсолутен каракатер и ја прави пресудата нејасна, неразбирлива и неподобна за понатамошно испитување. Воедно, фактите кои што ги земал за утврдени првостепениот суд, а по однос на дејствијата на извршување на обвинетите, не соодветствуваат со доказите изведени на главната расправа пред првостепениот суд, по однос на наодите и мислењета на вештите лица на Јавниот обвинител и одбраната, како во делот на дејствијата по однос на следењето на комуникациите, така и по однос на вредноста на уништената опрема“, се вели во соопштението на Апелациониот суд.
За тоа зошто не донел мериторна одлука во ситуација кога на обвинетиот Мијалков за две години му застарува делото, од Апелациониот суд велат дека не се впуштиле во таква расправа затоа што застареноста „всушност и не настапила пред овој суд“.
Во соопштението, Апелациониот суд го опишува движењето на предметот кај нив. Предметот стигнал на 08.10.2021, а на 14.10.2021 е доставен до Вишото јавно обвинителство Скопје, на разгледување и достава на предлог по повод изјавените жалби на обвинетите. На 30.11.2021 предметот е вратени во Апелационен суд Скопје, по што на 21.01.2022 е издадена наредба за закажување на јавна седница за ден 07.03.2022.
По одржаната јавна седница на 07.03.2022, советот на овој суд заседавал повеќе пати, како што велат оттаму, со оглед дека се работи за сложен предмет, во кој има повеќе обвинети лица со повеќе кривични дела и обемен доказен материјал.
Одлуката по предметот е донесена на нејавен дел од седница, на 05.12.2022, два дена пред една од судијките Лидија Чачева да замине во пензија. Одлуката беше соопштена на 16.12.2021.
Судењето за предметот „Тврдина-Таргет“ почна есента 2018. Во февруари 2021 беше донесена првостепената пресуда.
Првообвинетиот Сашо Мијалков беше неправосилно осуден на 12 години затвор, а Апелациониот суд ги укина и на избеганите Горан Грујевски и Никола Бошкоски, кои добија по 15 години затвор, како и за Гордана Јанкулоска, зашто потпишала да се уништи опремата на МВР со која од 2008 година се прислушувале граѓаните, без судски наредби.
„Тврдина-Таргет“ се однесуваше на незаконското следење на над 4.000 телефонски броеви без судски наредби со кое биле опфатени околу 20.000 граѓани. Бидејќи е со обвинителен предлог, а не со обвинителен акт, на Мијалков за две години засекогаш му застарува кривичниот прогон во овој предмет.
Одлуката за укинување и враќање на предметот на повторено судење ја донесе Кривичниот совет на Апелациониот суд, составен од судиите Јани Нича – претседател, Енвер Беџети – судија известител, кој со месеци го чуваше предметот „Тврдина-Таргет“, потоа Ѓоко Ристов, Тања Милева и Лидија Чачева.