СУДСКИОТ СОВЕТ В ПОНЕДЕЛНИК ЌЕ ИСПИТУВА ЗОШТО „ТВРДИНА-ТАРГЕТ“ СО МЕСЕЦИ БИЛ ЧУВАН ВО АПЕЛАЦИЈА ЗА НА КРАЈОТ ДА ГО ВРАТИ НА ПОВТОРНО СУДЕЊЕ И ДАЛИ СУДИЈКАТА ЧАЧЕВА ОДЛУЧУВАЛА ПЕНЗИОНИРАНА

    СУДСКИОТ СОВЕТ В ПОНЕДЕЛНИК ЌЕ ИСПИТУВА ЗОШТО „ТВРДИНА-ТАРГЕТ“ СО МЕСЕЦИ БИЛ ЧУВАН ВО АПЕЛАЦИЈА ЗА НА КРАЈОТ ДА ГО ВРАТИ НА ПОВТОРНО СУДЕЊЕ И ДАЛИ СУДИЈКАТА ЧАЧЕВА ОДЛУЧУВАЛА ПЕНЗИОНИРАНАСудскиот совет има надлежност да испита и дали одлуката била донесена од страна на судија на кој му престанал мандатот поради исполнување на услови за старосна пензија, вели претседателката Весна Дамева. (Фото: СДК.МК)

    Место Апелација да одлучи мериторно и да донесе пресуда, макар и ослободителна за предметот за масовното прислушување каде првообвинет е Сашо Мијалков, кој е неправосилно осуден на 12 години затвор, за потоа странките во постапката да се жалат до Врховниот суд и предметот „Тврдина-Таргет“ да остане во правниот тек, Апелациониот суд Скопје свесно реши да го застари, со тоа што го врати на повторно судење.

    Според кусото образложение од Апелациониот суд Скопје, пресудата е укината поради суштествени повреди во постапката. Се поставува прашањето: Зошто ако не чинела постапката, веднаш не ја укинеле пресудата, туку предметот го чувале кај нив? Како е можно и за осудениот во отсуство Горан Грујевски да имало повреди од апсолутен карактер?

    Одговорите на овие дилеми ќе ги бара Судскиот совет в понеделник, најави претседателката Весна Дамева.

    Во „Тврдина-Таргет“, базичниот предмет на поранешното Специјално обвинитество (СЈО), Апелациониот суд ги укина и пресудите на Мијалков и на избеганите Горан Грујевски и Никола Бошкоски, кои добија по 15 години затвор, како и за Гордана Јанкулоска, зашто потпишала да се уништи опремата на МВР со која од 2008 година се прислушувале граѓаните, без судски наредби.

    „Тврдина-Таргет“ се однесуваше на незаконското следење на над 4.000 телефонски броеви без судски наредби со кое биле опфатени околу 20.000 граѓани. Бидејќи е со обвинителен предлог, а не со обвинителен акт, на Мијалков за две години засекогаш му застарува кривичниот прогон во овој предмет.

    Одлуката ја донесе Кривичниот совет составен од судиите Јани Нича – претседател, Енвер Беџети – судија известител, кој со месеци го чуваше предметот „Тврдина-Таргет“, потоа Ѓоко Ристов, Тања Милева и Лидија Чачева. Знаејќи дека кривичното гонење на ексдиректорот Мијалков и вработените во УБК застарува за две години, апелационите судии првин го држат кај нив од март, за дури завчера да одлучат да ја укинат пресудата и предметот да го вратат на повторно судење.

    „Со оглед дека вчера дознав од медиумите за конкретниот случај, во понеделник во рамки на моите овластувања веднаш ќе преземам дејствија, а Судскиот совет во рамките на своите законски надлежности ќе го испита конкретниот случај и за преземените дејствија и констатираната фактичка состојба ќе бидете навремено известени. Укажувам дека Судскиот совет нема надлежност да преиспитува, односно да оценува судска одлука, но има надлежност да ја констатира состојбата за текот на постапката во смисла на ажурно постапување “, изјави денеска претседателката на Судскиот совет Весна Дамева.

    Откако вчера САКАМДАКАЖАМ.МК објави дека една од петте судии кои гласале за укинувачката одлука, судијката Лидија Чачева, се пензионирала на 7 декември, а до вчера 16 декември петтемина судии тврдеа дека не донеле одлука за „Тврдина-Таргет“, Дамева вели дека и тоа ќе го испита.

    „Судскиот совет има надлежност да испита и дали одлуката била донесена од страна на судија на кој му престанал мандатот поради исполнување на услови за старосна пензија“, вели Дамева.

    По текстот дека Чачева можеби во пензија одлучувала за овој предмет, од Апелациониот суд Скопје ни беше кажано дека наводно, на петти декември била донесена одлуката за укинување на пресудата за масовното прислушување. Тоа е два дена пред пензионирањето на Чачева. Судскиот совет треба да испита кога таа одлука е верификувана, заверена, запечатена. Ако е после седми декември, спорна е пресудата.

    Друг проблем е зошто ако било одлучено уште на петти декември, Апелација лажеше сè до вчера дека уште нема одлука? Зошто ако сè било чисто, судот  не ја објави по донесувањето?

    Судскиот совет не може да ја преоценува судската одлука, да навлегува во доказите и слично, но може да испита кои биле мотивите за ваквото чудно однесување на дел или на сите пет судии од кривичниот совет на Скопска апелација.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира