СУДИЈКАТА ЛИДИЈА ЧАЧЕВА, КОЈА ОДЛУЧУВАЛА ВО ПРЕДМЕТОТ „ТВРДИНА-ТАРГЕТ“ И ЈА УКИНА ПРЕСУДАТА ЗА МИЈАЛКОВ, СУДСКИОТ СОВЕТ ЈА ПЕНЗИОНИРАЛ УШТЕ НА 7 ДЕКЕМВРИ

    СУДИЈКАТА ЛИДИЈА ЧАЧЕВА, КОЈА ОДЛУЧУВАЛА ВО ПРЕДМЕТОТ „ТВРДИНА-ТАРГЕТ“ И ЈА УКИНА ПРЕСУДАТА ЗА МИЈАЛКОВ, СУДСКИОТ СОВЕТ ЈА ПЕНЗИОНИРАЛ УШТЕ НА 7 ДЕКЕМВРИЧачева уште пред 9 дена частела на работа за пензионирањето. (Фото: Принтскрин од сајтот на Судски Совет)

    Судијката Лидија Чачева, една од петте судии кои ја донеле одлуката на Апелациониот суд Скопје за укинување на пресудата на Сашо Мијалков, Горан Грујевски, Никола Бошкоски, Гордана Јанкулоска и другите за масовното прислушување во предметот „Тврдина-Таргет“, е во пензија уште од седми декември, според објавата на одлуката на Судскиот совет од тој датум на официјалнот вебсајт.

    Во соопштението за седницата на 7 декември на веб страната на Судскиот совет стои:

    „Донесени се одлуки за престанок на судиска функција на судии поради исполнување на услови за старосна пензија:

    – Виолета Поповска, судија на Апелационен суд Скопје

    – Лидија Чачева, судија на Апелационен суд Скопје

    – Славица Тоиќ, судија на Основен суд Тетово и

    – Лилјана Јанкова, судија на Основен суд Штип“.

    Чачева по пензионирањето честела на работа, што значи дека таа е во пензија една недела пред Апелациониот суд Скопје денеска да соопшти дека таа одлучувала за предметот „Тврдина-Таргет“, што се однесуваше на незаконското следење на над 4.000 телефонски броеви без судски наредби со кое биле опфатени околу 20.000 граѓани, со која апелациска судска одлука ова судење се враќа на почеток во Основниот кривичен суд Скопје. За незаконското масовно прислушување Мијалков во Основниот кривичен суд беше осуден на 12 години затвор, а Грујевски и Бошкоски на по 15 години. Гордана Јанкулоска беше осудена на 4 години затвор.

    Се поставува прашањето како е можно пензионирана судијка, чиј судијски мандат завршил, да одлучува во Совет на Апелационен суд? Одговор се обидовме да добиеме од претседателката на Судот Лидија Димчевска, но таа не одговори на повикот и на пораката на телефон.

    САКАМДАКАЖАМ.МК, а и други медиуми, секој ден прашуваше во Апелациониот суд Скопје дали има пресуда за „Тврдина-Таргет“. Портпаролката се консултираше со петчлениот совет од судиите Јани Нича-претседател и членовите Енвер Беџети, кој беше судија-известител и со месеци го чуваше предметот „Тврдина-Таргет“ кој ќе застари за 2 години, Лидија Чачева, Ѓоко Ристов и Тања Милева и оттаму како и претходните, така и овој месец ни беше одговарано:

    „Нема сè уште ништо. Нема сè уште ништо…“

    Ако немаше одлука сè до денес, 16 декември 2022, нејасно е како гласала Лидија Чачева која Судскиот совет ја пензионирал уште на 7 декември? Или ако ја донел одлуката непосредно пред да си замине, зошто Апелациониот суд 10 дена лаже дека нема одлука? Зошто ја крие одлуката и темпира ден за да ја објави кога ќе има најмногу дојави за бомби или други настани што би го одвлекле вниманието на граѓаните?

    Бидејќи е со обвинителен предлог, а не со обвинителен акт, на Мијалков за две години засекогаш му застарува кривичниот прогон во овој предмет.

    Судијата-известител Енвер Беџети од март го чува во фиока предметот за масовното незаконско прислушување. На тест е Судскиот совет, кој треба да одлучи дали пријавениот кандидат за врховен судија Енвер Беџети после ова заслужува да биде унапреден.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира