Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција со полициска асистенција денеска врши претрес во фирмата од која секретарот во Владата Драги Рашковски набавил софтвер за казни за сообраќајни прекршоци, а за кој МВР ниту било известено, ниту му бил потребен.
Вредноста на софтверот е 81.000 евра, платени од Буџетот на државата.
Откако министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски објави дека МВР си спроведува јавни набавки за таков софтвер во рамки на друг проект наречен „Безбеден град“, а поранешниот технички министер Наќе Чулев истото го потврди, премиерот Зоран Заев кажа дека сигурно набавката била за потребите на институциите, не ѝ текнало на Владата да набавува таков софтвер туку-така.
Но, до денеска не излезе информација од Заев или од Владата, на која институција покрај МВР ѝ бил потребен софтвер со камери што ќе регистрираат сообраќајни прекршоци.
Откако си поднесе оставка на функцијата Генерален секретар на Владата во октомври лани, на Рашковски веднаш му беше измислена нова функција за да остане таму. Со владина одлука, на средината на ноември беа воведени три нови позиции „секретар“ и уште три „помошник-секретар“.
Рашковски беше назначен на најбитната од трите, Секретар за мониторинг и поддршка на институциите при реализација на владината програма. Со набавката на софтверот го поддржал МВР, без да знаат Спасовски и Чулев.
С. К. ДЕЛЕВСКА