Претседателката на Врховниот суд Беса Адеми чија дисциплинска постапка со предлог за разрешување е ставена на дневен ред експресно во петок пред Нова Година, побарала на сослушувањето во Судскиот совет да присуствува јавноста.
Ова е најбрзата постапка за разрешување што ја спровел некогаш Судскиот совет.
На денешната седница под точката „разно“ ќе се одлучува за барањето на Адеми за присуство на новинарите во петок кога комисија од Советот ќе ја испрашува.
Членот на Советот Миљазим Мустафа на 28 ноември ѝ поднесе иницијатива за дисциплинска одговорност на Беса Адеми, откако претходно на трети ноември таа во интервју во САКАМДАКАЖАМ.МК побара одговорност од судии, предупреди на притисоци од функционери и на опасност и закани од разрешување на врховни судии.
Судскиот совет изрази невидена селективност со брзањето да поведе одговорност за судија и да решава за неа.
Судскиот совет 11 месеци не ја ставаше на дневен ред дисциплинската постапка против судијата од Апелациониот суд Скопје Енвер Беџети, иако уште лани во декември констатираше дека како судија-известител, девет месеци незаконски го држел предметот за масовното прислушување против Сашо Мијалков, за да застаре.
Дури на 23 ноември Судскиот совет едвај го казни Енвер Беџети со 20 отсто од платата. Претходно му дозволи да учествува во изборот за врховен судија, кога не собра доволно гласови.
За судијката Лирије Елези која исто така со месеци како судија-известител го држела другиот предмет на Мијалков, „Трезор“, каде за незаконска набавка на британска опрема за следење беше првостепено осуден на 12 години затвор, Судскиот совет не ни покрена постапка.
Дека кај што нејќе, Судскиот совет тешко става на седница разрешување на судии и има воочлив селективен пристап, зборува и примерот со постапките против судиите Наќе Георгиев од Врховниот суд и поранешниот претседател на Основниот суд Кавадарци Лазар Нанев.
За нив уште лани имаше претставки за најтешки дисциплински постапки, но Судскиот совет одбегнуваше да ги стави на седница.
Лани во декември, на Наќе Георгиев иницијатива за разрешување му поднесе член на Судскиот совет, за периодот кога бил претседател на Апелациониот суд Скопје, за истата работа за која беа разрешени неколкумина негови колеги од судот.
За Нанев, пак, има допис до Судскиот совет од Вишиот јавен обвинител на Скопје Мустафа Хајрулахи и од обвинителка од Кавадарци, со кој тие бараат Советот да испита тешки обвинувања против него од оштетена странка во предмет каде тој бил судија.
Дури на 4 јули Судскиот совет ги отвори постапките за Георгиев и за Нанев, кога експресно констатираше дека нема основ за дисциплинска одговорност. Со тоа им го отвори патот да конкурираат на огласот за членови на Советот и тие го сторија тоа.
С. К. ДЕЛЕВСКА