Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова не го потпишала Указот за прогласување на Законот за заштита на децата со кој се предвидуваше воведување на двојазични лиценци во градинките.
За првото вето на претседателката се дозна од соопштение на опозициската СДСМ, која што го поздрави потегот на Сиљановска-Давкова и ја повика владејачката ВМРО-ДПМНЕ да се откаже од овие законски измени.
„Го поздравуваме непотпишувањето на Указот од страна на претседателката на државата, Гордана Сиљановска Давкова со што се отвораа оваа можност и бараме власта да се повлече од намерите поради спорните одредби кои ги содржи. Членот 9 и Членот 10 од Предлог Законот за измена којшто го предложи Владата значи воведување двојазични лиценци од областа на детската заштита. Спорно е што овој сегмент е регулиран со друг закон кој ја уредува употребата на јазиците, но и Уставот на државата. Со предложените измени на Законот власта ги враќа процесите назад со воведување можност за полагање за стекнување со лиценца во хартиена форма наместо во дигитална. Ова отвора можности за злоупотреби, партизација и сомнителни доделувања на лиценци по партиски клуч“, се вели во соопштението на СДСМ.
Реагираше и опозициската ДУИ, од каде што велат дека станува збор за „отворен напад врз албанскиот јазик и обид за поткопување на правата на Албанците во Северна Македонија“.
Законските измени беа усвоени од Собранието на седница на 24 декември. Според процедурата, сега законските измени се враќаат во Собранието и ако бидат повторно изгласани со 61 глас, претседателката е должна да го потпише Указот.