ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА КРИВИЧНИОТ СУД ИВАН ЏОЛЕВ ГИ БРАНИ СУДИИТЕ ШТО ГИ ВРАТИЈА СУДЕЊАТА НА СЈО ОТПОЧЕТОК, АМА НЕ ЗНАЕ ЗОШТО НЕКОИ ТРААТ И НАД 3 ГОДИНИ

    ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА КРИВИЧНИОТ СУД ИВАН ЏОЛЕВ ГИ БРАНИ СУДИИТЕ ШТО ГИ ВРАТИЈА СУДЕЊАТА НА СЈО ОТПОЧЕТОК, АМА НЕ ЗНАЕ ЗОШТО НЕКОИ ТРААТ И НАД 3 ГОДИНИПретседателот на Кривичниот суд Иван Џолев вели дека на судиите им било укажано дека судењата особено од повисок јавен интерес да се одвиваат со побрзо темпо, но не по секоја цена. (Фото: К. Попов)

    Претседателот на Основниот суд Скопје 1 Иван Џолев денеска ги одбрани судиите кои поради истек на 90 дена без ефективно судење на предметите на СЈО, ги вратија да почнат од нула. Меѓу нив е и најстарото обвинение на СЈО „Насилство и шамари во Центар“, каде првообвинет е избеганиот експремиер Никола Груевски, кое трае повеќе од три години.

    „Судиите претходно имаа закажано и по неколку рочишта за овие предмети. Но, на периодот на годишните одмори во судството во јули и август, се надоврза моментот на прераспоредувањето на судските предмети кои ги води СЈО, бидејќи специјалната обвинителка Катица Јанева заврши во притвор. На барање на обвинителите од СЈО кои чекаа потпис за надлежност да ги продолжат истите тие предмети, судењата мораше да се одложат. Во тие околности се случи да се наполнат 90 дена без судења, поради што судиите согласно законот, мораше да вратат четири судења отпочеток. Сите се по вина на странките, освен во случајот ’Тортура‘ каде отказ си даде поротник, кој не работи во судот, но поради кој судијата мораше да го врати целосно отпочеток, не со читање на сè досега што е сработено како кај тие предмети со истек на 90 дена, туку со физичко повикување на сведоци и повторување на сè што е сработено, одново“, рече Џолев.

    На прашање, пак, зошто тие судски процеси кои траат по околу две години не биле завршени и пресудени пред да биде притворена Катица Јанева и да нема сега враќање отпочеток поради префрлање на предметите во редовното обвинителство, Џолев рече:

    „Разговарам секој ден со судиите за динамиката на судските постапки кои ги водат, укажано е судењата особено од повисок јавен интерес да се одвиваат со побрзо темпо, но не по секоја цена. Судиите се независни“.

    Претходно на брифинг со новинарите, за бавното водење на судењето за шамарите во Центар претседателот Џолев потсети дека СЈО не поднело претставка против судијата Душан Јосифов и оти воопшто никој од обвинителството официјално и формално не поднел никаква иницијатива против судијата.

    На прашање пак колку обвиненија за корупција поднело редовното Обвинителство за организиран криминал по 30 јуни 2017 година, кога во еден ден СЈО поднесе 17, претходно имаше 2, а потоа дополни уште обвиненија за да има вкупно 22, Џолев кажа дека нема таква статистика и оти дополнително ќе извести за тоа.

    Од поднесувањето на 22-те обвиненија на СЈО, повеќето во еден ден, до денеска, Обвинителството за организиран криминал до Основниот суд Скопје 1 има поднесено три обвиненија за корупција: за „Рекет“, „Спец-касата на УБК“ и за „Незаконска приватизација на земјиште“ од Стевчо Јакимовски.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира