ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА НАЈГОЛЕМИОТ СУД ИЛИР СУЛЕЈМАНИ ЕДНОГЛАСНО ИЗГЛАСАН ОД СУДСКИОТ СОВЕТ ЗА ВТОР МАНДАТ

    ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА НАЈГОЛЕМИОТ СУД ИЛИР СУЛЕЈМАНИ ЕДНОГЛАСНО ИЗГЛАСАН ОД СУДСКИОТ СОВЕТ ЗА ВТОР МАНДАТЗа Сулејмани, членка од Судскиот совет која му го правела интервјуто, рече дека програмата за менаџирање на Граѓанскиот суд во наредните 4 години што ја напишал и образложил Сулејмани, треба да ја прочита секој судија и член на Советот. - Седница на Судскиот совет (Фото: К. Попов)

    За претседател на Основниот суд Скопје 2, најголемиот граѓански суд, едногласно и со Бадентерово мнозинство денеска Судскиот совет го избра актуелниот претседател Илир Сулејмани. За него, членка од Судскиот совет која му го правела интервјуто, рече дека програмата за менаџирање на Граѓанскиот суд во наредните 4 години што ја напишал и образложил Сулејмани, треба да ја прочита секој судија и секој член на Советот.

    Управната судијка Исмета Амет беше избрана за претседател на Вишиот управен суд. Вишите управни судии кои ѝ беа конкуренција, не ги добија потребните гласови.

    За претседател на Основниот суд Битола избран е судијата Миле Димовски.

    Основниот суд Штип доби нов претседател. Судијата Ѓорѓи Андонов го доби мнозинството од тројцата пријавени кандидати.

    Од претседателското место на Основниот суд Велес заминува актуелниот Александар Шопов, Судскиот совет ја избра Лидија Димова, едукатор и судија со 33-годишно искуство. Интересно за Шопов е што беше претседател, од редот на судиите од Академијата за судии.

    За претседател на Основниот суд Прилеп Судскиот совет го избра Зоран Стеваноски, откако четворицата кандидати пред него, не добија мнозинство гласови.

    За претседател на Основниот суд Делчево избран е единствениот пријавен кандидат Миле Ѓорѓиев, досегашен претседател.

    Судијата Лазар Нанев не го доби потребното мнозинство да биде избран за претседател на Основниот суд Кавадарци. Осум членови гласаа „за“, а шест „против“.

    Амдије Зенку беше избрана со Бадентерово мнозинство за претседател на Кичевскиот основен суд. За претседател на Основниот суд Крива Паланка избрана е Љубица Цветковска-Стојановска. Билјана Толова е изгласана за Основниот суд Неготино.

    Министерката за правда Рената Дескоска, која и нема право на глас, не дојде на денешната седница за извор на судии и претседатели на судови.

    Седницата продолжува со избор на двајца управни судии, за чии места се пријавиле 31 кандидат, а според некои членови на Судскиот совет, најголемиот дел од нив никогаш не влегле во судница.

    Најатрактивниот, изборот на 5 судии на Апелациониот суд Скопје, оставен е за на крајот.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира