ПРИПАДНИЧКА НА АРМ Е ЖРТВА НА СЕМЕЈНО НАСИЛСТВО, ТОА МОРА ДА СЕ ПРИЈАВУВА, ВЕЛАТ ЦАРОВСКА И ШЕКЕРИНСКА

    ПРИПАДНИЧКА НА АРМ Е ЖРТВА НА СЕМЕЈНО НАСИЛСТВО, ТОА МОРА ДА СЕ ПРИЈАВУВА, ВЕЛАТ ЦАРОВСКА И ШЕКЕРИНСКАСемејното насилство се храни од силата на насилникот, од стравот на жртвите, и од нашиот молк. Ако продолжиме да молчиме тоа ќе стане само посилно, рече министерката за одбрана Радмила Шекеринска (Фото: Министерство за труд и социјална политика)

    Припадничка на АРМ е една од жените во шелтер-центарот на Министерството за труд и социјална политика, каде се згрижуваат жртви на семејно насилство. Таа таму е сместена со своите деца, а денес во посета на шелтер-центарот со министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, беше и вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шеќеринска.

    „Сакам да испратам пораката до сите граѓани на нашата земја, но и до сите вработени во Министерството за одбрана и Армијата на Република Македонија дека семејното насилство е околу нас, ги допира луѓето со кои што соработуваме, со кои што живееме, со кои што се дружиме. За жал многу често вклучително и во ситуацијата која што денеска ја дискутираме, се случува жртвите на семејното насилство да бидат оставени сами на себе. Тоа мора да го промениме. Семејното насилство се храни од силата на насилникот, од стравот на жртвите, и од нашиот молк. Ако продолжиме да молчиме тоа ќе стане само посилно“, рече Шекеринска.

    Таа рече дека во Министерството за одбрана и во Армијата ќе бидат формирани тимови и ќе бидат отворени телефонски линии за пријавување на семејното насилство.

    Царовска рече дека за да може успешно да се спроведе ратификуваната Истанбулска конвенција потребна е и постојана соработка меѓу институциите.

    „Секој човек, секоја жена треба да се чувствува безбедно во својот дом и средината во која живее. Ова е основно право и сигурност која ние како држава мора да ја гарантираме. За да ја реализираме оваа цел, мора да работиме сите заедно и да воспоставиме ефикасни механизми, но и тесна соработка со невладиниот сектор и сите засегнати страни“, рече Царовска.

    Од Министерството велат дека сега функционираат 4 регионални центри за лица жртви на семејно насилство во Скопје, Кочани, Битола и во Свети Николе, а дејноста на Центарот за лица жртви на трговија со луѓе е проширена и со жртви на сексуално насилство, каде што згрижувањето трае до 6 месеци.

    „Министерството инвестира и во објект во кој ќе биде сместен Центар за советување на жртви на насилство во Општина Куманово. Исто така, во состав на здравствени установи во Куманово, Тетово и Скопје, отворени се и 3 центри за жртви на сексуално насилство“, рече Царовска.

    Во соработка со граѓанскиот сектор, Министерството финансира Центар за лица жртви на семејно насилство, Кризен центар 24/48 часа и Национална мобилна СОС линија, кои се менаџирани од граѓански здруженија.

    Во 2018 година вкупниот број на новоевидентирани жртви на семејно насилство изнесува 919 лица од кои 665 се жени, 140 мажи и 104 се деца.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира