ПРИСЛУШНИТЕ УРЕДИ ВО УБК БИЛЕ ПОВРЗАНИ СО СТАНБЕНА ЗГРАДА КАЈ ЖЕЛЕЗНИЧКАТА СТАНИЦА ВО СКОПЈЕ, СВЕДОЧЕШЕ ЗВОНКО КОСТОВСКИ НА „ТВРДИНА-ТАРГЕТ“

    ПРИСЛУШНИТЕ УРЕДИ ВО УБК БИЛЕ ПОВРЗАНИ СО СТАНБЕНА ЗГРАДА КАЈ ЖЕЛЕЗНИЧКАТА СТАНИЦА ВО СКОПЈЕ, СВЕДОЧЕШЕ ЗВОНКО КОСТОВСКИ НА „ТВРДИНА-ТАРГЕТ“По судењето обвинетиот Мијалков беше однесен назад во затворот во Шутка.(Фото: СДК.МК)

    Во стан во жолтата зграда до Железничката станица во Скопје, позната како „функционерска зграда“ или „парламентарка“, биле репродуцирани и вадени како транскрипти незаконските прислушувани материјали во УБК, го продолжи денеска сведочењето во случајот „Тврдина-Таргет“ клучниот сведок Звонко Костовски, кој ги сними на хард-диск нелегалните разговори како вработен во Управата.

    “Во стан во зграда кај железничка, позната како ‘парламентарка’, имаше посебен компјутер поврзан со зградата на одделот за оперативна техника и беше во постојана комуникација по барање на началникот на Петтата управа Горан Грујевски“, одговараше и денеска на прашања на обвинителите на СЈО Звонко Костовски.

    Костовски сведочи по Ѓорѓи Лазаревски, кој неколку дена со часови одговараше пред обвинителите, но и на прашања на обвинетиот Сашо Мијалков. Тој во детаљи опиша како се прислушувало без судски налог и како успеал да се поврзе со компјутерите со податоци кои телефонски броеви биле прислушувани и како потоа разговорите ги снимал и му ги предавал на Костовски како докази за масовно кршење на човековите слободи и права од страна на УБК.

    Покрај Мијалков, во овој предмет се обвинети и Гордана Јанкулоска, избеганите Горан Грујевски и Никола Бошкоски, Тони Јакимовски и вработени во УБК кои по телефон давале наредба да се впишуваат броеви на граѓани, како и тие што ги извршувале наредбите.

    Иако одбраната се противеше, денеска во Основниот суд Скопје беше презентиран како доказ на СЈО хард диск со нелегално прислушувани разговори. Зоран Заев бил прислушуван и воден по псевдоним, шифра „Зоза“. Овој хард-диск СЈО го нашол и одзел од канцеларијата на сведокот Костовски. Од тој хард-диск Костовски снимил пет цедиња со прислушувани разговори на Заев. Снимањето на разговорите Костовски го правел по наредба на Горан Грујевски.

    Продолжува сведочењето на Костовски.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира