ПРИТВОР ОД 8 ДЕНА ЗА ПОЛИЦАЕЦ ЗА ВОЗИЛА ДИГНАТИ СО „ПАЈАК“ КОЈ НАПЛАЌАЛ ВО КЕШ И ПРОНЕВЕРИЛ 1.400 ЕВРА

    ПРИТВОР ОД 8 ДЕНА ЗА ПОЛИЦАЕЦ ЗА ВОЗИЛА ДИГНАТИ СО „ПАЈАК“ КОЈ НАПЛАЌАЛ ВО КЕШ И ПРОНЕВЕРИЛ 1.400 ЕВРАСпоред доказите на Овинителството, полицаецот ја злоупотребил својата службена положба и овластувањата во периодот од април до јули годинава. (Фото: СДК.МК)

    Полицаец од Одделението за безбедност на сообраќајот на патиштата при СВР Скопје, на задача во депото на ЈП „Градски паркинг“ за возила кренати со пајак, доби 8 дена притвор како осомничен за кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување. Кривична постапка против полицискиот службеник ја води јавен обвинител од Специјализираното одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција при Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК).

    Од досега прибавените докази произлегува дека во периодот од април до јули годинава тој ја злоупотребил својата службена положба и овластувањата, односно не ја извршувал службената должност, при што за себе и за други лица прибавил противправна имотна корист, причинувајќи штета на Буџетот за најмалку 85.500 денари (околу 1.400 евра).

    Додека извршувал работни задачи во депото на ЈП „Градски паркинг“, за дел од лицата на кои претходно со специјално возило пајак им било подигнато возилото поради непрописно паркирање, изготвувал записници за сторен сообраќаен прекршок со прекршочен платен налог. Наместо глобата да ја наплати преку ПОС-терминал, осомничениот ја наплаќал во готовина. На записниците приложувал потврда (слип) од ПОС-терминал за претходно извршена уплата по друг записник и на друго лице, додека паричните средства што ги примал во готовина ги задржувал за себе.

    Во други случаи, осомничениот прибавил противправна имотна корист за други лица и предизвикал штета на Буџетот така што, за дел од нив, изготвувал записници за сторен сообраќаен прекршок со прекршочен платен налог во кои прекршокот го квалификувал како полесен, со што изрекувал помала глоба, спротивно на претходно утврдената фактичка состојба. За друг дел од лицата, пак, воопшто не изготвувал записник ниту наплатувал глоба, иако за нивните возила биле издадени налози за отстранување и тие биле сместени во депото на ЈП „Градски паркинг“, туку дозволувал возилата да го напуштат депото истиот ден.

    Заради непречено водење на кривичната постапка, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот. Предлогот е заснован на околностите што укажуваат на опасност од бегство, опасност од повторување на кривичното дело, како и опасност од влијание врз сведоците кои во текот на постапката дополнително ќе бидат повикани и испитани. Судијата го прифати предлогот на обвинителството и на осомничениот му определил мерка притвор во траење од 8 дена.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира