ПРИТВОР ЗА ВОЗАЧОТ НА ВЛАДИНИОТ ГЕНЕРАЛЕН СЕКРЕТАР ЈАНУШЕВ, ПОБАРАЛ 1.500 ЕВРА ЗА ДА ЗАВРШИ РАБОТА ЗА ВРАБОТУВАЊЕ ВО ПОЖАРНАТА НА ГРАД СКОПЈЕ

    ПРИТВОР ЗА ВОЗАЧОТ НА ВЛАДИНИОТ ГЕНЕРАЛЕН СЕКРЕТАР ЈАНУШЕВ, ПОБАРАЛ 1.500 ЕВРА ЗА ДА ЗАВРШИ РАБОТА ЗА ВРАБОТУВАЊЕ ВО ПОЖАРНАТА НА ГРАД СКОПЈЕНа 4 септември 2026, осомничениот е затекнат при примопредавање на 500 евра како дел од побараната награда од 1.500 евра, кои претходно биле обележани. (Фото: СДК.МК)

    Одреден е притвор од 30 дена за возачот на генералниот секретар на Владата Игор Јанушев, кој примил мито велејќи дека има влијание во Град Скопје за да вработи лице како пожарникар во Бригадата за противпожарна заштита. Притворот е одреден откако Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈОГОКК) донесе наредба за спроведување истражна постапка против лицето вработено во Службата за општи и заеднички работи (СОЗР) на Владата поради сомнение дека осомничениот сторил кривично дело Примање награда за противзаконито влијание.

    „Постапката е иницирана по пријава на граѓанин од кого осомничениот, во периодот од 24 јули до 4 септември 2026 година, побарал 1.500 евра за да го искористи своето претпоставено влијание. Осомничениот, кој работел како возач на висок владин функционер, му ветил на оштетениот дека ќе посредува кај службени лица во Град Скопје во врска со вработување по распишан оглас за прием на пожарникари“, велат од Обвинителството.

    Јанушев, преку објава на Фејсбук се огради од постапката на неговиот возач и вели дека тој го возел  последните шест месеци, а во минатото работел и кај други функционери.

    „Во однос на мене лично, сакам да бидам кристално јасен дека целосно се оградувам од постапувањето на приведеното лице. Неговото постапување нема никаква врска со мене, со мојата функција, со моето работење или со каква било моја одлука или постапка. Лицето е возач кој во минатото работел и кај други функционери, а на позицијата возач кај генералниот секретар е само околу шест месеци. Неговото незаконско постапување е исклучиво негова лична одговорност и за стореното треба да одговара пред надлежните институции“, објави Јанушев.

    По пријавувањето, надлежните органи, во координација со предметниот обвинител, презедоа дејствија за обезбедување докази. На 4 септември 2026, осомничениот е затекнат при примопредавање на 500 евра како дел од побараната награда од 1.500 евра, кои претходно биле обележани.

    Ценејќи дека постојат околности што укажуваат на опасност од бегство, можност осомничениот да влијае врз сведоците во постапката, како и околности што го оправдуваат стравувањето дека може да го повтори кривичното дело, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор. Судијата на претходна постапка го прифати предлогот на обвинителството и со решение на осомничениот му определи притвор во траење од 30 дена.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира