Судењето за „Титаник 2“, каде е обвинет притворениот ексдиректор на УБК Сашо Мијалков, денеска нема да се одржи во Кривичниот суд, поради отсуство на обвинетиот Мендух Тачи. Тачи, како што дознаваме од судот, побарал и добил дозвола од петчлениот совет денеска, за кога е закажано ова судење, да оди во Албанија да го слави Денот на албанското знаме што е утре (28 Ноември).
„Титаник 2“ на СЈО е за злоупотреби на службената положба и овластувањата на 4 поранешни членови на ДИК: Бедредин Ибраими од ДПА, Елизабета Стефанова, Влатко Сајковски и Сашо Срцев од ВМРО-ДПМНЕ. За злоупотреба е обвинет и Мендух Тачи, додека Сашо Мијалков е за противзаконито влијание како носител на највисока безбедносна функција, врз Тачи.
Ибраими, Срцев, Стефанова и Сајковски од ВМРО-ДПМНЕ, според обвинението, без основ гласале да се поништи гласањето во првиот круг на локалните избори 2013 во Струмица, бидејќи Зоран Заев тогаш го победи Васил Пишев од ВМРО-ДПМНЕ. Гласањето во ДИК, според обвинението, било по наредба на обвинетиот Сашо Мијалков, за што веќе беа пуштени бомби во Основниот суд Суд Скопје 1. Во бомбите, се слуша како тогашниот претседател на ДИК Борис Кондарко бара логика и причини за прегласувањето, но овие четири лица го надгласуваат.
Тачи, како лидер на тогашната опозициската ДПА, тогаш глумеше дека е против владејачката ВМРО-ДПМНЕ. На повик на Мијалков, како што се чу во бомбите, веднаш му се јавува на Бедредин Ибраими и му дава наредба да гласа за поништувањето на резултатите од гласањето во Струмица.
С. К. ДЕЛЕВСКА