ПРИВАТЕН РАТРАК СПАСИЛ ПЛАНИНАР КОЈ СЕ ПОВРЕДИЛ ВО ВИСОКИТЕ ДЕЛОВИ НА ШАРА

    ПРИВАТЕН РАТРАК СПАСИЛ ПЛАНИНАР КОЈ СЕ ПОВРЕДИЛ ВО ВИСОКИТЕ ДЕЛОВИ НА ШАРАОд денешната спасувачка акција на повредениот планинар на Шара. (Фото: ЦУК)

    Спасен е планинар кој попладнево се повредил на повисоките делови на Шара, соопшти Центарот за управување со кризи (ЦУК).

    Околу 14 часот на Единствениот повикувачки број за итни случаи на 112, е добиен повик за повреден планинар во повисоките делови на Шар Планина кај превојот меѓу Титов Врв и Бакардан.

    Планинарот се повредил кога се симнувал со својот другар по источната страна кон месноста Мал Турчин.

    „Двајцата биле последни од групата со којашто одел. Заостанале малку и најверојатно, брзајќи за да ги стигнат колегите, едниот од нив се лизнал и опасно ја повредил ногата, за којашто не се знае дали му е скршена или само повредена, а и општо му се лошело после лизгањето. Местото на настанот е прекрасен предел, но е далеку горе на планината, до каде што треба повеќе од три, четири или повеќе часови да се стигне, под услов веднаш да тргне специјализиран спасувачки тим, што се во ниските делови од пределот. Но, во конкретниот случај соработката и меѓусебната координација на институциите, службите и приватните фирми овозможи да се пронајде многу брзо решение и на помош бил употребен ‘ратрак’ на приватната фирма ‘Ескимо Фрирајд’. Тимот на ‘Ескимо фрирајд’, и самиот составен од пасионирани планинари, иако во моментот превезувал  туристи, несебично веднаш тргнал нагоре кон повредениот којшто почнал веќе неговиот другар да го спушта пополека колку можело надолу поблизу за помагање, свесен дека како што ќе одминува денот, така се постудено ќе станува и се полизгаво“, велат од ЦУК.

    ЦУК, заедно со другите инволвирани институции, како Полицијата од Тетово, Националниот парк, Итната медицинска помош, планинари, биле во постојана координација и комуникација за да се изнајде оптимално и брзо решение за спасување на повредениот. Така и се добила информацијата дека ратракот е во тој предел нешто подолу во туристичка прошетка, со што, вели ЦУК,  брзо се остварило спасувањето.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира