ПРИВЕДЕНИ 10 ЛИЦА ВО МАКЕДОНСКО-СРПСКА АКЦИЈА КОЈА ОТКРИ ПЕЧАТНИЦА ЗА ФАЛСИФИКУВАЊЕ ЕВРА, ДОЛАРИ, ФРАНЦИ

    ПРИВЕДЕНИ 10 ЛИЦА ВО МАКЕДОНСКО-СРПСКА АКЦИЈА КОЈА ОТКРИ ПЕЧАТНИЦА ЗА ФАЛСИФИКУВАЊЕ ЕВРА, ДОЛАРИ, ФРАНЦИКоординацијата и спроведувањето на активностите на македонската територија се под раководство на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. (Фото: К. Попов)

    Десет лица се приведени во акцијата „Вардар“ на заеднички истражен тим од Македонија и Србија по повеќемесечна меѓународна соработка, соопшти Јавното обвинителство на Македонија.

    Тие од утринава спроведувале координирани активности за разоткривање на криминална група што се занимавала со фалсификување и нудење на пазар на евра во различни апоени. Координацијата и спроведувањето на активностите на македонската територија се под раководство на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. Извршени се 23 наредби за претреси на лица и дом и притоа се обезбедени материјални докази.

    При претресите се пронајдени и одземени парични средства во износ од околу 500.000 евра, 25.000 американски долари, 500 швајцарски франци, 1.800 израелски шекели, 500 хрватски куни, 10.000 албански леки, 1.000 шведски круни и 25.000 рубљи. Воедно се пронајдени топли ваљаци, преси, ЦНЦ машина за изработка на калапи и жигови со кои се изработувале фалсификуваните пари, копии од делови од банкноти, пиштол, куршуми, кесиња со прашкаста бела и кафеава материја, телефонски апарати, сим картички, УСБ, детектор за фалсификувани банкноти, холограми, бројачи на пари, други предмети за фалсификување пари и лаптопи кои ќе бидат предмет на вештачење.

    Оваа акција се надоврзува на претходната операција од август минатата година спроведена од ОЈО Скопје и косовското Специјално обвинителство, кога беа пронајдени и запленети машини за фалсификување на евромонети, готови и полуготови фалсификувани монети, калапи и материјали потребни за изработка на монетите, а во Косово беше уапсен македонски државјанин кој ги произведувал и пуштал во оптек.

    Денешната операција во целост е поддржана од Евтопол и од Проектот на европравда за кривична правда на Западен Балкан, кои овозможија оперативна координација, критична разузнавачка анализа и техничка помош за реализација. Истовремено, во денешната акција во Србија се извршени претреси на повеќе локации во Нови Пазар, Нови Сад, Сомбор и Суботица и притоа се приведени шест членови на криминалната група, а запленети се 180.000 фалсификувани евра.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира