ПРОЕКТОТ „КУПИ КУЌА, КУПИ СТАН“ ПРОДОЛЖУВА СО НАМАЛЕНИ КАМАТНИ СТАПКИ И ЗГОЛЕМЕНИ ДРЖАВНИ СУБВЕНЦИИ, НАЈАВИ МИНИСТЕРОТ ТЕВДОВСКИ

    ПРОЕКТОТ „КУПИ КУЌА, КУПИ СТАН“ ПРОДОЛЖУВА СО НАМАЛЕНИ КАМАТНИ СТАПКИ И ЗГОЛЕМЕНИ ДРЖАВНИ СУБВЕНЦИИ, НАЈАВИ МИНИСТЕРОТ ТЕВДОВСКИПомали каматни стапки и попрецизни услови за добивање државни субвенции за станбен кредит најави министерот за финансии Драган Тевдовски со новите законски измени, кои денес ги презентираше во македонската банкарска асоцијација (Фото: Министерство за финансии)

    Намалување на каматните стапки за станбени кредити, поповолни модели и попрецизни услови за субвенционирање од државата за проектот „Купи куќа, купи стан“ најави денес министерот за финансии Драган Тевдовски, кој рече дека тоа го овозможуваат со измена и дополна на Законот за субвенционирање на станбен кредит, кој бил усвоен од Владата на последната седница.

    Тој рече дека со законските измени во кои државата субвенционира дел од отплата на ратата за станбениот кредит каматната стапка се намалува од 3.95 на намали на 2.9 отсто во првите три години, четвртата и петтата година место 4,44 отсто каматната стапка ќе биде 3,9 отсто. За опцијата, каде државата субвенционира дел од учеството каматната стапка за цело време на отплата на кредитот ќе биде 4 отсто место 4,44 отсто како досега.

    „Најголема новина и поволност за граѓаните е значителното намалување на каматните стапки. Намалувањето на каматните стапки значи сериозна заштеда за граѓаните. На пример, за кредит од 50.000 евра, само по основ на камати граѓаните ќе заштедат 1.300 евра. Исто така се нуди поволност за младите до 35 години, каде субвенциите место 50 отсто од ратата или учеството, државата ќе покрие 70 отсто, со што им ќе им помогнеме на оние кои немаат живеалиште да можат тоа да го направат и да им се помогне на оние на кои навистина им е потребно“, рече Тевдовски.

    Тој кажа дека нудат и друга поволност, односно граѓаните кои во текот на 10 години од добивање на станбениот кредит ќе добијат едногодишна субвенција на месечната рата или на главнината и каматата до 30 отсто за секое родено или посвоено дете.

    Тој кажа дека со новото законско решение ја ограничуваат големината на куќите и становите кои може да се купат до 150 квадратни метри. Според него со ова ограничување се оневозможува финансирање луксуз.

    Со законските измени се прецизираат и условите во проектот место максимум приходите по основ на плата, се воведува максимум по основ на вкупни приходи, како и случаите кога корисниците имаат друг недвижен имот или имаат наследство или дар на делови од станбена единици. Прагот на приходите останува ист, односно 900 евра за поединец и 1.300 евра за брачни другари. Прагот пак кога барателите на кредит имаат друг недвижен имот е ограничен на вредност од 30.000 евра.

    „Проектот се спроведува од 2011 година, иако имаше проблеми во реализација, но продолжуваме и оваа година во буџетот се предвидени средства за овој проект“, рече Тевдовски.

    Претседателот на Македонската банкарска асоцијација Коста Митровски рече дека новите услови за реализација на овој проект ќе ги презентира пред сите нивни членки, и оние кои не се вклучени во проектот ќе ги повика да се вклучат.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира