ПРОФЕСОРОТ ГОЦЕ НАУМОВСКИ, СОВЕТНИК НА ПРЕМИЕРОТ МИЦКОСКИ, ПРЕДЛОЖЕН ЗА НОВ УСТАВЕН СУДИЈА

    ПРОФЕСОРОТ ГОЦЕ НАУМОВСКИ, СОВЕТНИК НА ПРЕМИЕРОТ МИЦКОСКИ, ПРЕДЛОЖЕН ЗА НОВ УСТАВЕН СУДИЈАЗа изборот на Гоце Наумовски за уставен судија ќе одлучуваат пратениците на пленарната седница закажана за 18 февруари. (Фото: СДК.МК)

    Гоце Наумовски, редовен професор на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Свети кирил и Методиј“ (УКИМ) и актуелен надворешен советник за правни работи на премиерот Христијан Мицкоски, е предлогот за нов судија во Уставниот суд. Вчера, собраниската Комисија за прашања на изборите го потврди како кандидат, откако беше предложен од претседателот на комисијата, Ѓорѓија Сајкоски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.

    Наумовски, професор по Римско право, е брат на Васко Наумовски, поранешен вицепремиер за евроинтеграции од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.

    Изборот на нов уставен судија, со мандат од девет години, следи откако лани во декември оставка даде судијката Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, која кажа дека се повлекува поради лични и здравствени причини.

    За изборот на Гоце Наумовски за уставен судија ќе одлучува Собранието на пленарната седница закажана за 18 февруари.

    Ако биде избран, во составот на Уставниот суд Наумовски нема да биде единствениот советник на член на државниот врв од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.

    Во 2017, тогашниот претседател Ѓорге Иванов го предложи за уставен судија Дарко Костадиновски, кој беше советник за надворешна политика во неговиот кабинет. На 11 јануари 2018 Костадиновски избран за уставен судија, а во јуни 2024 беше избран за претседател на Уставниот суд.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира