ПРОИЗВОДИ ПРЕД ИСТЕК НА РОК И СТОКА СО ГРЕШКА ЌЕ МОРА ДА СЕ ОЗНАЧУВААТ И ПРОДАВААТ ОДДЕЛНО, СЕ ВОВЕДУВА И СЕЗОНСКО НАМАЛЕНИЕ ДВА МЕСЕЦА ВО ГОДИНАТА

    ПРОИЗВОДИ ПРЕД ИСТЕК НА РОК И СТОКА СО ГРЕШКА ЌЕ МОРА ДА СЕ ОЗНАЧУВААТ И ПРОДАВААТ ОДДЕЛНО, СЕ ВОВЕДУВА И СЕЗОНСКО НАМАЛЕНИЕ ДВА МЕСЕЦА ВО ГОДИНАТАКазните за трговски измами кон потрошувачите, продажба на стоки со истечен рок или за наводен неколкукратен попуст, е од парична глоба, до забрана за работење на маркетот, салонот за продажба (Фото:СДК.МК)

    Сезонско намалување на стоки и услуги, пресликано од Европа, кај нас ќе може да има само двапати годишно. Акција за еден или повеќе производи во продажни салони, продавници, маркети, ќе трае најмногу 30, а промоција 8 дена, вели новодонесениот Закон за заштита на правата на потрошувачите, со што ќе се сопре чистењето „ѓубре“ од магацините и рафтовите кога ќе им текне на трговците и ќе спречи нелојална конкуренција и профит.

    Сезонско намалување продавниците ќе имаат: летно, во периодот помеѓу 25 август и 25 септември во тековната година, и зимско сезонско намалување во периодот помеѓу 25 декември од тековната и 25 јануари од наредната година.

    Почетокот на попустот ќе мора да се назначи со датум. Трикратно прелепување на „првичната превисока“ цена за да мислите како сте го начекале производот на трето, четврто намалување, не е дозволено. Дозволени се две цени најмногу, за да се исчисти пазарот од такви перфидни трикови на трговците, само за да им ги купите производите.

    Натаму, овој обемен закон кој ги зеде европските правила за да го заштити потрошувачот, бара ваучерите што ги даваат продавачите, трговците, обавезно да мора да содржат пресметка – сумата која ќе ја заштедите со купувањето на стоката, а не само да имаат функција за да ве натераат да ја купите.

    Натаму, стоките или услугите ставени на акциска продажба мораат да бидат јасно, видливо и читливо означени со зборовите „акција“ или „акциска продажба“. При огласувањето на акциската продажба, трговецот е должен да го наведе нејзиното траење, во спротивно казните се високи.

    Промотивната продажба (промоција), може да трае само 8 дена, а не бесконечно, додека не се истроши целата неатрактивна или полурасипана стока, како што прават обично маркетите.

    Стоките или услугите ставени на промотивна продажба мораат да бидат јасно, видливо и читливо означени со зборовите „промоција“ или „промотивна продажба“, бара новиот Закон.

    При огласувањето на промотивната продажба, трговецот е должен да го наведе нејзиното траење.

    При спроведувањето на посебните облици на ставање во промет, трговецот е должен физички да ги одвои стоките опфатени со некој од посебните облици на ставање во промет.

    Распродажбата, пак, е дозволена само ако трговецот престанува да работи, ако продавницата се сели во други простории и слично.

    Во Македонија често производи со грешка се мешаат со исправните и се продаваат по иста цена. Измамата ја согледуваме дури дома.

    Кога трговецот става во промет стоки со недостаток или грешка, должен е нив физички да ги одвои од останатите стоки. Треба јасно, видливо и читливо да ги означи како стоки со недостаток или грешка, да го напише и видот на грешката, бара Законот за заштита на правата на потрошувачите.

    Законот го регулира и ставање во промет на стоки на кои што им изминува рокот на употреба, финта на која се збогатуваат не само гранапите во малите места, туку и познати маркети, парфимерии и слично.

    Трговецот е должен при ставање во промет на стоки на кои што им изминува рокот на употреба физички да ги одвои овие стоки, како и јасно, видливо и читливо да ги означи дека им изминува рокот на употреба“, пишува во новиот закон.

    Натаму, пропишани се строги правила и обврски за трговецот, кој на барање на потрошувачот кој кај него има купено стока што не е соодветна во однос на формата, големината, моделот, бојата, бројот или од други причини, неа да ја замени со стока што има соодветен квалитет. (Ако производот е изработен по нарачка на муштеријата, оваа обврска за трговецот не важи.)

    Трговецот е должен да изврши замена на стоката во рок од 15 дена сметано од денот кога стоката му е предадена на потрошувачот. Замената на стоката со соодветен квалитет се врши ако стоката не била употребувана, ако се сочувани нејзините изглед, употребни својства, пломби и фабрички означувања, како и сметката што на потрошувачот му била издадена заедно со стоката.

    Ако во моментот на поднесувањето на барањето од страна на потрошувачот трговецот нема соодветна стока, во смисла на стока што ќе одговара на неговите потреби, потрошувачот има право, по свој избор да бара:

    1) да го раскине договорот и да бара враќање на платениот износ или

    2) да ја замени стоката со друга соодветна стока, кога трговецот ќе ја набави.

    Трговецот е должен да го извести потрошувачот кој барал замена на стоката дека располага со таква стока во рок што не може да биде подолг од 30 дена од денот на приемот на барањето за замена.

    Согласно европската практика, сега многу попрецизно се дефинираат и уредувааат начините на плаќање. Така на пример, за прв пат се воведува законска обврска ако трговецот ја условува продажбата со наплата на аванс и не се испорача производот во рокот од 30 дена, што е случај при уплаќање мебел, бела техника, нова кола итн, потрошувачот да има право на наплата на камата за доцнење.

    А кога трговецот нема да го исполни договорот, должен е на потрошувачот да му го врати примениот аванс зголемен за каматите на авансот по стапката за законска казнена камата, утврдена согласно Законот за облигационите односи.

    Ново е дека за прекршување на правилата во Законот за заштита на правата на потрошувачите, покрај изречената глоба за констатиран прекршок кај правното лице од страна на надлежен орган, ќе се изрече и мерка забрана за вршење на одделна дејност, а кај одговорното лице и забрана за вршење професија дејност или должност. Кај микро-трговец забраната кај правното лице , кај одговорното лице и физичко лице е од 15 до 30 дена.

    За мал, среден и голем трговец, прекршочната санкција привремена забрана за вршење одделна дејност е во траење од три месеци до две години. Додека, за одговорното лице кај овие трговци прекршочна санкција забрана на вршење на професија, дејност или должност, е во траење од три месеци до една година, и се изрекува од страна на надлежен суд.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира