Претседателот на Собранието Трајко Вељаноски синоќа, по свечената академија по повод јубилејот 75 години од народното востание против фашизмот на 11 Октомври, 1941, ја пресече лентата и ги пушти во употреба новоизградените и надградените објекти во Собранието: Големата купола, Конгресната сала под неа, новата зграда во дворот на објектот. Собранието добива нови над 4.000 квадрати со што има вкупно 18 илјади метри квадратни површина за користење.
Овој масивен проект, што траеше 6 години и се изведуваше во мандатот на 3 парламентарни состави, кога почна беше планирано да чини 10,5 милиони евра, а заврши со потрошени 20,6 милиони евра.
Но ниту Вељаноски, ниту Собранието како инвеститор вчера официјално не ја соопштија конечната потрошена сума.
Според податоци од пред еден месец кои САКАМДАКАЖАМ.МК ги доби од Собранието, за реконструкцијата беа потрошени 1.268.328.051 денари или 20 милиони и 600 илјади евра. Инвеститор е Собранието на РМ, изведувач на градбата е ДГ Бетон АД – РЕ Занатски погон Скопје.
Со градбата на Парламентот се изведени нови 4.018,67 квадратни метри, од кои 1.620,37 отпаѓаат на новата зграда која никна во дворот, а која со мостови е поврзана со стариот петоаголен објект. На најгорното, четврто ниво, изведена е повеќенаменска сала под големата купола, со површина од 510,86 квадратни метри и 204 места за седење. Сега има шест нови сали за комисии, две под малите куполи. Сепак, најголем дел од новодобиената површина отпаѓа на новиот кат, надградбата од вкупно 2.398,30 квадратни метри. Таму се распоредени 70 работни простории, шест сали за комисии (од кои две се поставени под двете мали куполи на предната страна на објектот), пет технички соби, санитарии, видиковец. По 78 години, петоаголната зграда конечно е зајакната.
Ова е прва поголема надградба и реконструкција на Собранието по земјотресот во 1963, односно по 1967 година кога е реконструирана и ентериерно уредена Парламентарната сала, а изградени се и две нови сали, Сала 3 и Сала 4.
На 30 декември, 2009, по 3 претходни тендери, тендерската комисија како најдобра понуда за предвидените градежни работи за реконструкција, доградба, адаптација и надградба на зградата на Парламентот ја избра онаа на скопски „Бетон“. На тендерот учествуваа и „Гранит“, словенечки „Енергоплан“ и австриските „Алпине“ и „Штрабаг“. Идејата за куполи на Собранието ја даде во 2006 тогашниот претседател Љубиша Георгиевски. По бројни перипетии и лавина негативни реакции, следуваа два пропаднати тендери на кои два пати се јавија истите три фирми: македонските „Бетон“ и „Гранит“ и хрватски „Конструктор“. Во 2009 се планираше целиот зафат да чини околу 10,5 милиони евра. Градежните работи почна во 2010, а рокот за изведба беше две години.
Во 2012, информациите беа дека првично со „Бетон“ било договорено градежните работи да чинат околу 12, 8 милиони евра, но од потпишувањето на основниот договор се потпишани неколку анекси поради појава на дополнителни работи при изградбата, со „Бетон“ и со други фирми ангажирани на доградбата на објектот. Со овие анекси првичниот договор веќе во 2012 бил натфрлен за два милиони евра.
Објектот конечно е завршен 4 години по предвидениот рок, и над 10 милиони евра поскапо од планираниот буџет.
Според информациите на собранискиот сајт, „зградата на Собранието на Република Македонија е една од најмонументалните градби во Република Македонија, за која во 1930 година бил распишан и конкурс за проектирање, на кој победил архитект Виктор Лукомски, а изградена е во 1938 година по проект на чешкиот архитект Виктор Ј. Худак“.