ПРОПАЃААТ ДВА ГОЛЕМИ ПРОЕКТИ ЗА ЕНЕРГЕТСКА ЕФИКАСНОСТ ОТИ ДРЖАВАТА НЕ УПЛАЌА КОТИЗАЦИЈА ВО ЕУ ОД 200.000 ЕВРА

    ПРОПАЃААТ ДВА ГОЛЕМИ ПРОЕКТИ ЗА ЕНЕРГЕТСКА ЕФИКАСНОСТ ОТИ ДРЖАВАТА НЕ УПЛАЌА КОТИЗАЦИЈА ВО ЕУ ОД 200.000 ЕВРАВо време на енергетска криза, македонски организации и институции губат најмалку 924.527 евра од два проекти од областа на енергетската ефикасност со вкупен буџет од 2.778.044 евра. - Зградата на Делегацијата на ЕУ во Скопје (Фото: СДК.МК)

    Два големи проекти со меѓународни партнери за енергетска ефикасност, финансирани со грантови од Европска унија, ќе пропаднат до крајот на месецов, бидејќи државата не сака да плати котизација од 200 илјади евра за учество во програмата на ЕУ „Живот“ (LIFE). Неколку проекти од повикот од есента 2021 година се веќе пропаднати, а истата судбина најверојатно ќе ги снајде и проектите од повикот од есента 2022 година поради несериозниот однос на македонските власти.

    Министерството за животна средина неодамна соопшти дека „сите кои аплицирале пред 2023 година, а биле позитивно евалуирани, нема да можат да склучат договор за грант бидејќи програмата ќе биде ефективна од 2023 година. Истите се охрабруваат повторно да аплицираат на повиците на Програмата“, но од Хабитат Македонија, чии проекти како дел од меѓународен конзорциум се одобрени од ЕУ, велат дека не станува збор само за „позитивна евалуација“, туку дека нивните проекти се дојдени до ставање потпис на договорот, но тоа не може да се случи затоа што нашата држава нема пристапено кон програмата и нема уплатено котизација.

    Што се однесува до „охрабрувањето“ да аплицираат пак, оттаму велат дека тоа не е така едноставно, како што се вели во соопштението на министерството.

    „Сведоци сме на иритирачка лежерност со која домашната негрижа се претставува како насока на Европската комисија. Програмата LIFE одамна чека да ѝ пристапиме, а патем истата работи со конзорциуми во кои не сме сами. Странските организации ќе ги заменат македонските партнери или едноставно ќе продолжат без нив“, велат од Хабитат Македонија.

    Во време на енергетска криза, македонски организации и институции губат најмалку 924.527 евра од два проекти од областа на енергетската ефикасност со вкупен буџет од 2.778.044 евра. Нанесената штета за Хабитат Македонија изнесува 356.934 евра, а компромитирани се партнерства со 18 организации од 8 земји.

    Иако според министерството за животна средина, проектите од повикот од 2022 година се пропаднати, нашите соговорници велат дека има надеж за нив, ако државата уплати котизација за претходната година, но изгледа дека нема расположение за такво нешто кај надлежните. Надлежни за пристапување кон програмата се две министерства (Животна средина и Надворешни работи) и Секретаријатот за европски прашања (СЕП).

    Дури и најавата дека до крајот на годината државата ќе пристапи кон програмата, за што има одлука на Влада од април годинава, нема така лесно да се реализира, бидејќи се работи за сложен процес.

    Програмата „Живот“ (LIFE) е инструмент на ЕУ за финансирање проекти за животна средина и климатска акција.

    М. ИЛИОСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира