ПРОРАБОТЕ КОМИСИЈАТА ЗА ПАРИЧЕН НАДОМЕСТ НА ЖРТВИ НА НАСИЛСТВО И СИЛУВАЊЕ, УСЛОВ ДА СЕ ПОБАРА ПОМОШ Е ДЕЛОТО ДА Е ПРИЈАВЕНО ВО МВР ИЛИ ВО ОБВИНИТЕЛСТВО

    ПРОРАБОТЕ КОМИСИЈАТА ЗА ПАРИЧЕН НАДОМЕСТ НА ЖРТВИ НА НАСИЛСТВО И СИЛУВАЊЕ, УСЛОВ ДА СЕ ПОБАРА ПОМОШ Е ДЕЛОТО ДА Е ПРИЈАВЕНО ВО МВР ИЛИ ВО ОБВИНИТЕЛСТВОДосега се поднесени 8 барања за паричен надомест. - Жртва на семејно насилство од Тетово (Фото: СДК.МК)

    За една година постоење, Комисијата за паричен надомест на жртви од кривични дела со насилство, формирана при Министерството за правда, примила 8 барања за надомест, а меѓу нив има и за полов напад врз дете и за силување на дете.

    Не исплатила сè уште ни денар, зашто жртвите на насилство или семејствата на убиените, не знаат оти не може да поднесуваат барања за насилства кои се случиле пред да почне да се применува Законот за исплата на паричен надоместок на жртви од кривични дела со насилство. Примената почна на 25 мај 2023 година, што значи дека надоместок може да се бара за претрпените насилства од тој датум наваму.

    Според одговорот што го добивме од Министерството за правда, за два од 8-те поднесени барања за надомест на жртвите, Комисијата побарала дополнителна документација и тие се работат.

    Од поднесените барања две биле по убиство на близок член од семејството, еден предмет бил од жртва на семејно насилство, еден за семејно насилство и загрозување на сигурноста, натаму еден предмет за насилство, потоа за тешка телесна повреда при вршење на семејно насилство, за полов напад врз дете кое не наполнило 14 години и за силување на дете кое не наполнило 14 години, исто така еден предмет.

    „Право да аплицира односно да поднесе Барање за остварување на паричен надоместок на жртви од кривично дело со насилство има жртва на кривично дело со насилство, вклучувајќи го родово-базираното насилство, семејното насилство, насилство врз половиот интегритет, трговија со луѓе/дете, ропски однос или други кривични дела со сериозни последици, како физички и психички. Правото на надоместок се однесува и на оние кои се обиделе да спречат извршувањето на такво дело, како и на оние кои давале помош на жртвата или помагале на полицијата при приведувањето на сторителот. Надоместок може да се бара и ако сте член на семејството на жртвата која починала поради насилство“, прецизираат од Министерството за правда.

    Услови за поднесување на Барање за остварување на паричен надоместок на жртви од кривично дело со насилство се кривичното дело да се случило во Република Северна Македонија и тоа да биде евидентирано или пријавено до полицијата или јавното обвинителство кои треба да издадат соодветно известување.

    „Ова право важи независно од вашиот статус или државјанство, под услов да се наоѓате на територијата на Република Северна Македонија во време на извршувањето на кривичното дело. Право да побараат надоместок на штета имаат државјани на Северна Македонија, странски државјани, лице без државјанство или неевидентирано лице во матичната книга на родени. Правото на надоместок важи и ако сторителот не е познат или ако нема кривична постапка. На барање на жртвата, или на барање на родителот/старателот или полномошник, полицијата или јавното обвинителство се должни да издадат соодветно известување, записник за примање пријава, службена белешка или потврда дека делото е пријавено или евидентирано како кривично дело“, велат оттаму.

    Јавноста не знае многу ни за законот, ни за тоа дека жртвите не треба да чекаат правосилност на пресуда, туку може да побараат надомест само со потврда дека случајот е пријавен и евидентиран во полиција или во Обвинителството.

    Согласно член 13 ст.1 од Законот за исплата на паричен надоместок на жртви од кривични дела со насилство, предуслов за остварување на правото на паричен надоместок е кривичното дело само да е евидентиранo или пријавено во полиција или во Јавното обвинителство.

    „Во дел од 8-те предмети за кривичните дела има правосилни пресуди, а за дел согласно погоренаведената одредба има соодветна исправа (потврда дека делото е пријавено или евидентирано како кривично дело, службена белешка, записник за примање пријава, известување) од полицијата или од јавното обвинителство дека кривичното дело е евидентирано или пријавено“, велат од кабинетот на министерот Игор Филков.

    Законот за исплата на паричен надоместок на жртви од кривични дела со насилство стапи на сила на 25.11.2022 година, а започна да се применува од 25.05.2023 година. Дури 17 месеци по примената Министерството за правда, односно министерот Филков, обезбеди услови за почнување со работа на комисијата.

    „Целта на овој закон е да се обезбеди паричен надоместок на жртвите од кривични дела сторени со насилство како помош од страна на државата, согласно со начелото на општествена солидарност, како и да се спречи секундарна виктимизација како дополнително страдање што жртвите можат да го претрпат од односот на надлежните органи”, рече Филков.

    Претседателка на Комисијата е врховната судијка Цветанка Периќ.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира