ПРОРУСКИ ГРЧКИ БИЗНИСМЕНИ ИМ ПЛАЌАЛЕ НА МАКЕДОНЦИ ПО 21.000 ДОЛАРИ ЗА НАСИЛНИ ПРОТЕСТИ ПРОТИВ ДОГОВОРОТ ЗА ИМЕТО, КАЖА ЗАЕВ ВО ИНТЕРВЈУ ЗА „БАЗФИД“

    ПРОРУСКИ ГРЧКИ БИЗНИСМЕНИ ИМ ПЛАЌАЛЕ НА МАКЕДОНЦИ ПО 21.000 ДОЛАРИ ЗА НАСИЛНИ ПРОТЕСТИ ПРОТИВ ДОГОВОРОТ ЗА ИМЕТО, КАЖА ЗАЕВ ВО ИНТЕРВЈУ ЗА „БАЗФИД“Во интервјуто, Заев рече дека на Самитот на НАТО побарал од Трамп да ѝ помогне на Македонија да има успешен референдум. - Заев зборува на панелот „НАТО Ангажмани: Дијалози на Самитот во Брисел“ минатата недела (Фото: Влада)

    Премиерот Зоран Заев во интервју за „Базфид“ кажа дека македонската влада добила извештаи за проруски грчки бизнисмени кои плаќале на Македонци суми од 13.000 до 21.000 долари да прават насилни инциденти пред клучниот референдум за името. Заев зборувал со американскиот медиум веднаш по враќањето од Самитот на НАТО во Брисел минатата недела. На Самитот, Македонија официјално доби покана за членство во НАТО.

    Заев одбил да каже кој стои зад исплатите, повикувајќи се на истрагата во тек и чувствителноста на дипломатските односи. Тој вели дека полицијата дознала за исплатите откако привела неколку учесници на насилните протести пред парламентот во јуни.

    На референдумот наесен се очекува граѓаните да бидат прашани за промената на името во Северна Македонија. Промената на името е услов за влез во НАТО.

    Непосредно пред Македонија да ја добие поканата во Брисел, Грција протера двајца руски дипломати поради наводни обиди да го поткопаат договорот за името.

    „Руските претставници кои се тука и други од Москва, не се кријат дека се против нашата интеграција во НАТО. Дел од нив се поврзани со медиумите, дел од нив охрабруваат млади луѓе да протестираат пред парламентот, да напаѓаат полицајци… Тоа е очигледно“, кажа Заев за „Базфид“.

    Заев е убеден дека Грција и се спротивставува на Русија, бранејќи го договорот за името. Според Заев, добра вест е за македонските граѓани тоа што Грција и покрај протестите и противењето на опозицијата, се грижи за договорот.

    „Ние ќе ги преземеме сите неопходни мерки да ги блокираме несоодветните активности што ќе се случуваат тука“, вели Заев.

    Балканот е клучен за напорите на Русија да ги спречи земјите од поранешната сфера на влијание на Советскиот сојуз да градат сојузништва со Западна Европа и Москва неодамна беше обвинета дека се обидува да ги запре проевропските политичари да дојдат на власт.

    Владата на Црна Гора ја обвини Русија дека стои зад обидот за пуч во февруари 2017 година, а македонските разузнавачки служби собираат докази за руска операција да се оттргне земјата од евроатлантските интеграции.

    Во интервјуто, Заев рече дека на Самитот на НАТО побарал од Трамп да ѝ помогне на Македонија да има успешен референдум и кажа дека Трамп би бил добредојден во Македонија за време на кампањата за референдумот.

    „САД сè уште е огромен пример за демократските институции, владеењето на правото, слободата на говорот и слободата на медиумите. Тие се добар пример за нас“, рече Заев.

    Заев вели дека американската влада досега потрошила 1,75 милијарди долари да промовира демократија во Македонија.

    „Мислам дека институциите во САД се толку силни што дури ниту претседателот не може да направи голема штета. Мислам дека ќе останат добар пример, посебно за овој дел од светот“, вели Заев.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира