Четириесет и три лица од заболените пациенти со КОВИД-19 во земјава се од машки пол, а 42 се женски, стои во статистиката која ја објави Институот за јавно здравје. Заклучно со 20 март, во земјава има 85 заболени.
Возраста на заболените се движи од 4 до 87 години (медијана – 46,0 години). Најголем број на заболени се на возраст над 60 години – 19 (22,4%), а највисока специфична инциденца од 6,5/100.000 жители се регистрира кај лицата на возраст од 50-59 години.
Според место на постојано живеење, случаи на КОВИД-19 се регистрирани во 6 градови, Скопје (43), Дебар (34), Штип (4), Кавадарци (2), Гостивар (1) и Охрид (1).
Специфичниот морбидитет по пол кај машките е 4,1/100.000 жители, додека кај женските изнесува 4,1/100.000 жители.
На 20 март пријавени се вкупно 18 нови случаи на КОВИД-19 од 4 градови – Дебар (7), Скопје (6), Штип (3) и Кавадарци (1). Најголем дел од регистрираните случаи се на возраст од 20-29 и 50-59 години (по 5), а во однос на дистрибуцијата по пол, 10 се женски и 8 машки.
Хоспитализирани се две лица, а останатите се на домашно лекување (асимптоматски или со лесна клиничка слика). Кај 3 лица е регистрирано присуство на коморбидитети.
Вкупно 16 лица имале контакт со веќе потврден случај на овој вирус во земјава.
Од вкупниот број на пријавени на 20 март, 12 се потврдени во лабораторијата за вирусологија и молекуларна дијагностика при Институтот за јавно здравје, додека 6 се потврдени во приватна лабораторија. Во лабораторијата во ИЈЗ на 20 март направени се вкупно 92 тестирања.
Во однос на датумот на пријавување, првиот случај е регистриран во 9. недела, а од 11. недела во 2020 континуирано се регистрираат нови потврдени случаи. Највисок број на пријавени случаи на дневно ниво (19) е регистриран на 19 март.
Од позитивните случаи, регистрирани се 486 контакти кои се следат или беа следени во период од 14 дена. Од регистрираните, 58 случаи со локална трансмисија.
Од пријавените случаи, 23 или 27,1% биле хоспитализирани, а 62 случаи се во домашна изолација, асимптоматски или со лесна клиничка слика. Во однос на симптомите кои се пријавени кај заболените лица, најчесто се регистрирани кашлица (70,3%), температура (65,6%), слабост (31,3%) и треска (31,3%), а 21 лице е без симптоми. Едно лице од хоспитализираните е поставено на механичка вентилација поради влошување на состојбата.
Во однос на коморбидитети, кај 18 лица се присутни хронична/и здравствени состојби, од кои 13 лица имаат кардиоваскуларна болест, по 3 лица се со дијабет и хронична бубрежна болест, по две со хипотироидизам и хронична белодробна болест и еден со невромускулна болест.
Регистрирани се 6 случаи на заболување меѓу здравствени работници.
Според исходот од заболувањето, кај 84 лица се активни случаи, а еден случај е испишан од болница со излечена болест.
Од вкупниот број на случаи, 17 се импортирани, од кои за 3 има податок за контакт со потврден случај на КОВИД-19 за време на нивниот престој во странство. Само едно лице е детектирано на точка на влез (Меѓународен аеродром Скопје).
Од вкупниот број на пријавени, 60 се потврдени во лабораторијата за вирусологија и молекуларна дијагностика при ИЈЗ, додека 25 се потврдени во приватната лабораторија при Клиниката „Жан Митрев“. Во лабораторијата во ИЈЗ направени се вкупно 425 тестирања.