Проширувањето на ЕУ ќе стане невозможно ако биде прифатено бугарското тврдење дека постои само една историска вистина, и тоа нивното, и таа мора да биде цврсто наведена во пристапните преговори на Северна Македонија, пишување германскиот весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ (ФАЦ) во анализата на македонско-бугарскиот спор за почетокот на преговорите.
Според ФАЦ, таквото инсистирање на Бугарија не одговара на 21. век и во сите шест земји на Западниот Балкан кон бугарската политика се гледа со загриженост. „Доколку во иднина сите земји-членки посакаат да им го наметнат својот поглед на историјата на земјите-кандидати, проширувањето ќе стане невозможно, затоа што и меѓу други земји во регионот постојат противречни историски наративи“, се вели во анализата, пренесена од „Дојче Веле на македонски јазик“.
ФАЦ вели дека бугарскиот амбасадор во ЕУ Димитар Цанчев веќе двапати им одржал емотивни беседи на своите колеги за фактот дека преговорите за пристапување во ЕУ со Северна Македонија, кои треба да започнат за време на германското претседателство, можат да започнат само откако земјата ќе ги исполни посебните услови на Бугарија.
„Во суштина, Софија бара Македонците да признаат дека всушност биле Бугари и дека зборувале бугарски јазик, пред да станат независна нација преку еден процес на историско фалсификување“, објаснува ФАЦ.
Ваквите ставови, според ФАЦ, немале поддршка од ниту една друга земја членка.
„Во кругот на амбасадорите на ЕУ, настапите на бугарскиот амбасадор, оваа и минатата недела, наидоа на неразбирање и чудење. Никој не му се приклучи, ни Грците, ниту Французите или Холанѓаните, кои пред една година го блокираа почетокот на пристапните преговори со Северна Македонија (и Албанија)”, пренесува германскиот весник.
ФАЦ пишува и за објаснувачкиот меморандум на Софија, во кој бара соседната држава во сите европски документи смее да се претставува само со целосното име „Република Северна Македонија“, и во никој случај со кусата форма „Северна Македонија“, бидејќи, според Софија, тоа може да претставува загрозување на бугарскиот територијален интегритет, затоа што и кај нив има дел од географскиот регион Македонија. Софија, исто така, го отфрла и името „македонски“ за службениот јазик на соседот и наместо тоа бара да се користи терминот „официјален јазик согласно Уставот на Република Северна Македонија“.
Ставот во Брисел е дека не можат други земји да одлучуваат како ќе се нарекува нечиј јазик.
„Што се однесува до јазикот, од Брисел се слуша дека може да се направи неутрална референца во документите на ЕУ за ‘соодветниот службен јазик’ без да се именува. Но, тука се допираат чувствителностите кои сериозно се сфаќаат во Брисел: Не можат други да решаваат за тоа како една земја ќе си го нарекува јазикот“, вели ФАЦ.