Студентите и бројни нивни поддржувачи и покрај дождот излегоа на протест пред СПУКМ. Протестираат со чадори и бараат поништување на изборите за претседател на СПУКМ, бараат изјаснување на Универзитетскиот сенат, Ректорската управа, Ректорот и на проректорите, од кои очекуваат остро да ги осудат вчерашните случувања и да не ги признаат срамните избори и бараат непризнавање на претставниците на СПУКМ во раководните тела на УКИМ од страна на УКИМ. Студентите бараат и објаснување за употребата на специјалната полициска единица со оклопни возила за време на синоќашниот мирен протест пред СПУКМ.
Во спротивно, пленумот се закани дека радикално ќе се бојкотира почетокот на академската година и нема да се уважуваат одлуките на универзитетските тела.
Кордон полиција и вечерва го обезбедува влезот на СПУКМ и не доволува никој да се приближи.
Попладнево, неколку часа пред почетокот на протестот Ректорската управа на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ (УКИМ) закажа вонредна седница за в понеделник со почеток во 8 часот. Ректорот во заминување, Велимир Стојковски испрати соопштение до медиумите во кое изразува загриженост за случувањата околу изборот на нов студентски лидер.
„Длабоко сум загрижен од информациите кои беа објавени во медиумите за случувањата со студентските избори, кои беа под секое достоинство, како и употреба на полициски сили со оклопни возила во академски студентски избори. Поради тоа, упатувам апел до сите студенти, членови на СПУКМ, членови на ’Студентскиот пленум’, членови на студентски иницијативи и други форми на организирање на студентите, за воздржаност од какви било активности кои дополнително би ја усложниле ситуацијата, што би можело да доведе до сериозни последици од повеќе аспекти“, вели ректорот Стојковски.
Во соопштението ректорот нагласува дека Универзитетскиот сенат на конститутивна седница одржана на 27 јуни формирал Комисија за измена на Статутот на УКИМ во делот кој се однесува на студентското организирање.