Процентот на позитивни случаи на КОВИД-19 од бројот на тестирани веќе четири дена е над 10 отсто, покажуваат податоците на Институтот за јавно здравје, откако претходно 40 дена беше едноцифрен, со исклучок на еден ден (11.5).
Посакуваното сценарио од здравствените власти е процентот да биде под 5 отсто, 14 дена по ред, а во изминативе два месеца, само 14 пати тоа било случај.
Рапидно почна да расте и кривата со новите регистрирани случаи на КОВИД-19 и вториот пик деновиве е видно поголем од првиот од средината на април.
Со вчерашните рекордни 119 нови случаи, бројот на активни случаи е 845, од кои повеќе од половина се од Скопје – 450. По општини во главниот град, најмногу активни случаи има во Чаир – 111, по што следуваат Бутел со 54, Сарај со 48, Аеродром со 45, Гази Баба со 42, Центар со 28 и Карпош со 26.
Вкупно досега се починати од КОВИД-19 се 147 лица, од кои најмногу од Скопје – 37. Од починатите , 100 се мажи и 47 се жени, а кај 112 (76,2%) се регистрирани коморбидитети, најчесто кардиоваскуларна болест, дијабет и белодробна болест.
Во тек е тридневен полициски час за продолжениот викенд, целосен во Скопје, Куманово, Тетово и Штип, а делумен во остатокот од земјата, со забрана за одење на гробишта на целата територија на земјата.
М. ИЛИОСКИ