Министерката за образование Весна Јаневска ги повика првачињата да побараат братче или сестриче, за да не ни се случува да се затвораат училишта во земјава.
Оваа учебна година има 433 паралелки помалку од лани, од кои 222 во основно и 211 во средно образование откако Министерството за образование реши да ги спои малите паралелки во една поголема. Вкупната бројка празни училишни објекти во земјава, претежно во руралните средини, изнедува 148.
„Ја користам приликата да ја информирам јавноста дека ако продолжиме вака постојано ќе затвораме училишта. Ние пред три години направивме сликовница за прво, второ и трето одделение што се вика ‘Јас, мама, тато, дада и бато‘. Оттука порака за првачињата: освен тоа што ќе побараат да стекнат знаење, можеби треба да побараат да стекнат и братче и сестриче, за да можеме повторно овие привремено затворени училишта, во иднина да ги отвораме“, рече Јаневска од првиот училиштен ден во училиштето „Ацо Шопов“ во Општина Бутел.
Од вкупно 1.023 централни и подрачни училишта, во 620 објекти ќе има едносменска настава. Како што кажа Јаневска, обезбедни се учебници за сите деца, а за учениците со посебни образовни потреби се ангажирани најмногу образовни асистенти досега и тоа 1.358 во основното и 166 во средното образование,
А. АНТЕВСКА



