ПРВИОТ БОЛЕН ОД ЗАПАДНО-НИЛСКА ТРЕСКА ГОДИНАВА ВО ЕВРОПА Е ВО МАКЕДОНИЈА, ДОСЕГА ИМА 8 ЗАБОЛЕНИ ОД КОИ 6 СЕ ЗАРАЗИЛЕ ТУКА

    ПРВИОТ БОЛЕН ОД ЗАПАДНО-НИЛСКА ТРЕСКА ГОДИНАВА ВО ЕВРОПА Е ВО МАКЕДОНИЈА, ДОСЕГА ИМА 8 ЗАБОЛЕНИ ОД КОИ 6 СЕ ЗАРАЗИЛЕ ТУКАСите регистрирани случаи во 2026 се кај лица кај кои е регистрирана невроинвазивна инфекција и сите биле хоспитализирани на Инфективната клиника. (Фото: К. Попов)

    Во 2026 година, а заклучно со 27 јули, во Македонија се регистрирани осум случаи на западно-нилска треска, стои во новиот извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ). Од регистрираните случаи, а согласно дефиниција на случај, седум се водат како потврдени, а еден како веројатен.

    „Регистрирани се шест автохтони случаи од Скопје и Велес и еден случај од Скопје со историја на патување во Грција, но инкубацискиот период покрива и престој во Македонија. Од регистрираните случаи (8), 7 се машки, а едно е женско лице. Во однос на возрасната дистрибуција, најголем дел се лица на возраст над 60 години – 6, а две се лица на возраст од 50-59 години. Сите регистрирани случаи во 2026 се кај лица кај кои е регистрирана невроинвазивна инфекција и сите биле хоспитализирани. Почетокот на симптомите кај најголем дел од заболените – 5 е регистиран во месец јули. Кај два случаи почетокот на симптомите е во  јуни, а кај еден случај во мај“, вели ИЈЗ.

    Согласно последните достапни информации за Западно-нилска треска од Европскиот центар за превенција и контрола на болести, од почетокот на сезоната на пренос во 2026 година, а заклучно со 22 јули, идентификувани се 35 региони погодени од вирусот на западно-нилска треска во шест земји во Европа.

    Овие региони се наоѓаат во Италија (20), Грција (6), Романија (4), Македонија (2), Шпанија (2) и Франција (1).

    Шесте земји пријавиле вкупно 81 автохтон (локално стекнат) случај на инфекција со вирусот на западно-нилска треска. Од нив, Италија пријавила 46 случаи, Грција 21, Македонија 5 (заклучно со 22 јули, а вкупно 8), Романија 5, Шпанија 3 и Франција 1 случај.

    Во оваа сезона, првиот регистриран случај кај луѓе во Европскиот Регион е од Македонија.

    Западно-нилската треска за прв пат во Македонија е регистрирана во 2011. Во периодот од 2011 година до крајот на 2025 година, регистрирани се вкупно 54 лабораториски потврдени случаи. За истиот период, регистрирани се пет смртни случаи асоцирани со оваа болест.

    Вирусот на западно-нилска треска е арбовирус кој припаѓа на родот флавовируси, откриен во 1937 година во Уганда, а неговото присуство е документирано речиси на сите континенти – во Африка, Америка, Азија, Австралија, Европа и Блискиот Исток.

    Западно нилска треска е вектор-пеносливо вирусно заболување предизвикано од West Nile Virus (WVN) кое се одржува преку еден ензоотски циклус меѓу комарците (Culec, Aedec) и птиците (најчесто дивите птици). Луѓето и коњите се случајни, крајни домаќини на заболувањето. Инфекцијата помеѓу нив се пренесува преку комарците. Луѓето и цицачите, а особено коњите се случајни домаќини и имаат ограничена улога во природниот циклус.

    Луѓето најчесто се заразуваат по каснување од заразен комарец. Болеста од човек на човек не се пренесува, ако се исклучи можноста за пренесување преку трансфузија и трансплантација.

    Периодот на инкубација вообичаено трае од 3 до 14 дена.

    Околу 80% од инфекциите кај луѓето поминуваат без манифестација на симптоми. Останатите 20% симптоматски инфекции, најчесто се манифестираат како треска која поминува сама од себе, а помалку од 1% од WNV-инфекциите кај луѓе се манифестираат со сериозни форми, со тешка клиничка слика и се потенцијално смртоносни (пр. воспаление на мозокот, воспаление на мозочните обвивки или појава на парализи).

    Не постои специфична терапија, а третманот воглавно е насочен кон лекување на симптомите. Соодветната интензивна медицинска нега дава можност за поголемо преживување на заболените со тешки форми. Кај тешките случаи, стапката на смртност е од 3-15% и се зголемува кај повозрасните. Опоравувањето кај потешките форми е долготрајно, со перзистентен умор, слабост на мускулатурата, тешко одење, загуба на помнењето, депресии и слично.

    Не постои вакцина за луѓето.

    Најдобар начин за превенција е избегнување на убод од комарци кои се преносители на заболувањето.

    Сезонскиот надзор над ова заболување во Европа се врши од месец јуни до месец ноември, односно во сезоната на можно пренесување, во услови на масовно присуство на комарците, како вектор за заболувањето.

    „Имајќи го во предвид претходно наведеното, постои веројатност за понатамошно пријавување на нови случаи на цела територија на Македонија. Постои среден ризик за населението во периодот на активност на комарците, но истиот може да се минимизира со држење до препораките за превенција од надлежните институции“, велат од ИЈЗ.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира