Министерот за здравство Азир Алиу вели дека паркингот на скопскиот Клинички центар „Мајка Тереза“ не е мапиран каде да се паркира кола, и тоа е еден од првите чекори со кои се зафатил откако дојде на функцијата пред шест дена.
„Паркингот е еден од главните инфраструктурни проблеми. Паркингот, за жал, во моментов не е ни мапиран каде да се паркира кола. Ќе почнеме од базичните инфраструктни чекори и активности за да видиме колку точно паркинг места имаме внатре. Нашата анализа ќе покаже колку пациенти ги користат паркинг местата, колку вработени има и после ќе излеземе со оптимално решение, краткорочно, а долгороченото решение за паркингот ќе зависи од долгорочното решение за Клиничкиот центар. Ќе мора да бидеме претпазливи, да не се инвестира во нешто што можеби утре нема да биде во функција на Центарот. Краткорочно, имаме идеи, сѐ уште немаме решение за да ја информираме јавноста, но работиме на тоа“, рече министерот Алиу на денешниот брифинг со медиумите.
Сега со паркингот на Клинички центар стопанисува ЈП „Градски паркинг“.
На 11 март, тогашниот министер за здравство Арбен Таравари рече дека со паркингот на Клинички центар нема да стопанисува фирмата „Ѓока“ од Албанија, дека е поништен огласот и сега ќе се бара ново решение.
„Првата опција е ЈП ‘Градски паркинг‘ да изгради две катни гаражи и да ги управува, а втората е тоа да го направи Службата за општи и заеднички работи при Клинички центар“, рече тогаш Таравари.
Таравари кажа дека Министерството нема пари за да инвестира во изградба на катни гаражи.
„Призма“ на 6 март објави дека компанијата „Ѓока констракшн“ од Албанија ќе стопанисува со паркингот на Клиничкиот центар во Скопје. Министерот за здравство Арбен Таравари за БИРН потврдил дека оваа албанска фирма со јавно-приватно партнерство ќе стопанисува со паркингот во наредните 20 години. На огласот кој беше распишан на 15 ноември се јавила само „Ѓока констракшн“, која е формирана во Тирана во 1994 година, а од 2022 има регистрирано подружница и во Скопје.
Потоа, премиерот Христијан Мицкоски рече дека овие информации не се точни бидејќи договорот не е склучен, а доколку јавноста е против фирмата „Ѓока“ да стопанисува со паркингот нема да се склучи договор.
Б. НЕСТОРОСКА