Нафтениот дистрибутер „Пуцко Петрол“ од Пласница, со добиени 29 тендери од општините во Македонија, во вредност од три милиони евра, е на врвот на извештајот на невладиниот Центар за граѓански комуникации, за компании и фирми кои во 2017 година склучувале договори за јавни набавки со општините.
Според вредноста на овие договори, на второ место е градежната компанија „Бауер БГ“ од Скопје, со 2,3 милиони евра и на трето, според висината на сумите во договорите за јавни набавки, е „НБ-компани“ од Тетово, со 2 милиони евра од општинските тендери, која исто така се занимава со градежништво.
Општините и Градот Скопје во 2017 година склучиле 2.737 договори за јавни набавки во вкупна вредност од 4,9 милијарди денари, односно 80 милиони евра. Вредноста на набавките на стоки, услуги и работи од страна на единиците на локална самоуправа во 2017 година е помала од претходната година за 62 милиони евра.